„Идеите се важни“: Кирјаков за нападот врз македонскиот клуб во Благоевград и врз бугарските во Македонија

Македонскиот активист од Бугарија, Атанас Кирјаков-Војводата, повлекува паралела меѓу неодамнешниот напад врз македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград и тие врз клубовите на Бугарите во Македонија, заклучувајќи дека причината за вандализмот се идеите што ги застапувале лицата по кои се именувани.



„Минатата година во градот Битола беше вандализирана таблата и влезната врата на еден клуб. На таблата поставена над влезната врата на клубот пишуваше – ‘Клуб Ванчо Михајлов’. Не пишуваше ‘БУГАРСКИ клуб Ванчо Михајлов’, туку само ‘Клуб Ванчо Михајлов’, со еден збор, не е нападнат и вандализиран бугарски клуб, ниту, пак, е нападната државата Бугарија. Нападнати се ИДЕИТЕ на Ванчо Михајлов.

Идеите се важни! А идеите на Ванчо Михајлов се познати, се знае за братоубиствените борби во Горна Џумаја и во цела Пиринска Македонија, се знае за братоубиствените борби во Бугарија, се знае за шурувањето на Ванчо Михајлов со нацистите на Хитлер и усташите на Анте Павелиќ итн.

Минатата година беше вандализирана таблата на еден клуб во Охрид. На таблата над влезната врата пишуваше ‘Здружение на граѓани Цар БОРИС III’. Не пишуваше ‘БУГАРСКИ клуб Цар Борис III’. Со еден збор, не беше нападнат и вандализиран бугарски клуб, ниту, пак, Бугарија беше нападната. Нападнати се ИДЕИТЕ на Цар Борис III.

Идеите се важни! А идеите на Цар Борис III се познати. Се знае за окупацијата на Егејска и на Вардарска Македонија од страна на бугарската војска во негово време, се знае за неговото шурување со Хитлер, се знае за Евреите од Егејска и од Вардарска Македонија кои биле испратени во концентрациони логори итн.

На 04.02.2023 година во Благоевград е вандализирано стаклото на еден клуб. На него пишуваше ‘МАКЕДОНСКИ културен клуб Никола Вапцаров’, а насликана е и главата на поетот, имаше и дел од негова позната стихотворба. Беа фрлени камења од вандалите врз ИДЕИТЕ на поетот Никола Вапцаров.

Идеите се важни! А ИДЕИТЕ на Никола Вапцаров се познати…!!!“, коментира на Фејсбук претседателот на Градскиот комитет на Обединетата македонска организација „Илинден“ од Благоевград.