Бугарија не и е пријателска земја на Макединија затоа што земји пријатели не потпишуваат договор за добрососедство пишува Ида Мантон во анализа за порталот за стратегиски анализи Фазан.мк.
Екс членот на канцеларијата на ОБСЕ во Скопје смета дека Македонија во преговорите со Бугарија мора да ги вклучи чуварите на мултилатералниот систем, а посебно ЕУ, ,,која е причина за сите овие воскреснати империјалистички пориви на земји што се нејзини членки и бескрупулозно го злоупотребуваат тоа членство занемарувајќи ги опасностите кои ваквото однесување може да ги предизвика во рамките на Европската Унија”.
,,Јас долго време го споделувам мојот став дека спорот со Бугарија е поставен на грешен перон. И меѓу постојаниот наплив од лоши вести, што често ме инхибира да зборувам и пишувам на оваа тема оти карванот го возат неуки политичари кои не ги согледуваат грешките ни откако ќе ги направат, го пишувам овој текст со мисла дека сепак може да се смени динамиката на преговорите и сите да излеземе од овој рингишпил позрели и поусогласени со реториката за eвропски вредности и стандарди. Но, за воопшто да почнеме едно такво патешествие, ќе треба да го ресетираме досега сработеното и да ги поставиме предизвиците на онаа преговарачка маса на која ќе го добијат соодветното внимание и експеритиза. Поточно, ќе треба да поставиме структуиран дијалог менаџиран од странски експерти за кој ќе ни требаат ментори, експерти, учители и олеснувачи”, пишува Мантон според која овие премиси се земаат здраво за готово
,,Проблемот кој го наметна Бугарија не може да се реши со билатерални преговори. Тој е асиметричен, предизвикан е заради нашата желба да влеземе во ЕУ и мора да има „чувари на галаксијата“ кои ќе ги следат дискусиите и ќе интервенираат кога аргументите се во спротивност со веќе договорените заложби во кревката, но постоечка и мултилатерално градена, супранационална/меѓународна орбита. Обврските кои произлегуваат од таму не се à la carte за земјите да си бираат што ќе спроведат, а што не. Тој не е безгрешен, има и дихотомии, нејаснотии и недостатоци, но тие кои го градат и се одговорни за неговото одржување не смеат да дозволат билатерални договори да го подриваат, посебно не за да се зачленат во нивниот клуб.
Бугарија нам не ни е пријателска земја. Инаку немаше да потпишуваме Договор за добрососедство. Тоа може да се смени, но не без сериозен, добро осмислен и долготраен процес.
Има огромен јаз меѓу иновациите во полето на решавање конфликти, градење мир и преговори/медијација од една страна и луѓето кои ги водат преговорите меѓу овие две држави од друга. Тоа знаење е во журнали, книги и конференции, а споменатите политичари немаат потреба за академско просветлување за кое и немаат време заради партиски активности. Оттаму тешко е тие современи пристапи од сериозно учени луѓе и нивното знаење да се дел од преговорите ако не се вклучат експерти во улога на преведувачи.
Значи ако спорот не може да се реши билатерално и ако не си веруваме и не сме со добри намери, како влегуваме во процес во кој нема трета страна која ќе се погрижи темите на кои ќе се разговара да се дискутираат во нормативна рамка, имајќи ги предвид меѓународните стандарди и европските вредности и во опсег на дозволеното што може една држава да побара од друга, без да го нарушува нејзиниот суверенитет?”, пишува Мантон чија целосна анализа може да ја прочитате на овој ЛИНК.





