„Владите на Македонија и Албанија се паразитски влади и се потпираат на пари во готово и во очекување и на проекти, за да ги задоволат клановите, а не заради градење стабилни држави. Таквите секогаш се потпираат врз безбедносни ситуации и геополитики, кои можат да одат во прилог на затворањето на очите на Западот пред злоупотребите, кршењето на правото и неспроведувањето на стандардите, кои ги бара Европската Унија.“ – вели Селим Ибраими, публицист и основач на Институтот за безбедносни студии и развој од Скопје во својата колумна со наслов „Паразитските влади на Балканот и ЕУ“, која ја објави информативниот портал на аллбански јазик „Порталб“.
Ибраими пишува: „Европската унија е наш економски партнер каде што го наоѓаме доброто и во време на криза секогаш бараме и очекуваме економска помош и посредување во историските и другите современи конфликти. Некои партнери на ЕУ, кои се стремат кон истите вредности, изгледа дека заборавија оти без парите на европските даночни обврзници немаше да се постигнат многу процеси и трансформации на Западен Балкан. Со децении ЕУ се обидуваше да не промени, давајќи ни милиони евра во многу области каде што поглавјата на ЕУ бараат неопходни промени. И сега само Европа треба да продолжи да ни помага, а владите од Западниот Балкан и понатаму да не покажуваат напредок и воопшто да нема реформи?!“
„Локалните балкански функционери и критичарите, кои ја пцујат ЕУ, забораваат дека со години владеат исти политичари и секако тие се дел од пречките за реформи и напредок. Прашањето за владеење на правото и трансформацијата не треба да се остави во рацете на класата, која е виновна за корупција и кршење на човековите права. Во земја каде што не се почитуваат човечкиот живот, животната средина и индивидуалните слободи, бескорисно е да се бараат реформи, бидејќи таму ништо не функционира. Лидерите на регионот остануваат исти какви што се, европската помош ќе се злоупотребува, а реформите потребни согласно со поглавјата на ЕУ нема да се спроведат и ќе останат само желби и соништа.“
„Додека ЕУ дава ветувања, во исто време и испраќа непречена помош, без разлика дали е материјална, грантови и пари, владите во регионот, особено на Македонија и Албанија, постојано бараат почеток на разговорите, додека во реалноста реалната состојба во најважните сектори на доброто владеење станува повеќе од драматична. Нивната сериозност да станат здрави општества е далеку од тоа да се оствари, бидејќи тие се паразитски влади и се потпираат на пари во готово и во очекување и на проекти, за да ги задоволат клановите, а не заради градење стабилни држави. Таквите секогаш се потпираат врз безбедносни ситуации и геополитики, кои можат да одат во прилог на затворањето на очите на Западот пред злоупотребите, кршењето на правото и неспроведувањето на стандардите, кои ги бара Европската Унија.“ – заклучува Селим Ибраими во својата колумна.





