Ибрахими: „За ‘македонските’ шовинисти ‘авторитетот’ на Путин е гаранција за одбрана на привилегираната позиција во државата“

„Во ‘авторитетот’ на Путин мнозинството ‘Македонци’ наоѓаат ‘сила на заканата’, со цел да им ја упатат на Албанците и за да посеат терор, што би им го обезбедил континуитетот на нивниот свет, заснован врз нерамноправност, дискриминација, насилство, корупција…“ – вели Африм Ибрахими, публицист и кандидат за градоначалник на Тетово на последните локални избори, во својата колумна објавена со наслов „Македонците и Путин“ на интернет-порталот на информативната агенција на албански јазик ИНА. Во оваа колумна, објавена и од некои други медиуми на албански јазик на Балканот, Ибрахими употребува говор на навреди кон Македонците, наведувајќи ги во наводници како народ, но и идентификациската придавка „македонски“, а Македонија ја нарекува „Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Ибрахими пишува: „Му кажав на амбасадорот на Руската Федерација дека го поддржувам територијалниот интегритет и суверенитет на која било независна држава како што е Украина… затоа што не толку одамна Македонија беше цел на агресија од север и од запад.’ – рече Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, откако беше нападнат од неговите политички ривали за оддолжувањето да го и изнесе својот став за руската агресија во Украина. За разлика од Мицкоски, неговите гласачи, како и огромното мнозинство на други ‘македонски’ граѓани, заедно со нивните српски ‘браќа’, отворено преку социјалните мрежи и протестите на плоштадите во Белград и Скопје ги искажаа безрезервната поддршка за Путин и за агресијата на неговиот режим во Украина, како и старата омраза кон Западот и Албанците.“

„Оваа еуфорија на поддршка на српските и ‘македонските’ граѓани кон Путин и нивната омраза кон Албанците и Западот новинарот Сашо Јордановски ја објаснува со ‘потиснуваната нетрпеливост кон Албанците, што доаѓа како последица на разни видови потсвесен страв и небезбедност како ‘мнозинство’ за колективната иднина на нивниот (македонски) народ, убедени дека ‘албанизацијата’ на Балканот е ‘западен проект“. Тито Петковски, претседателот на Новата социјалдемократска партија, изјави дека ‘Македонците го фалат рускиот претседател Путин на социјалните мрежи, бидејќи тие бараат лидер, кој ќе ги заштити со силна рака во владеењето и кој ќе им се спротивстави на неправдите на Западот…“

Кое е реалното објаснување за ова навивање на српските и ‘македонските’ граѓани за Путин и неговата ‘специјална акција’ во Украина? Ова е солидарност на агресорот со агресорот и на напаѓачот со напаѓачот. Тоа е гаранцијата, што српските шовинисти и хегемонисти ја наоѓаат во ‘авторитетот’ на Путин за ‘заштитата’ на она што не е нивно – на Косово со само 2 отсто Срби, на Санџак со 33 отсто Срби, на Прешевската долина со 30 проценти Срби… Ова е гаранцијата, која ‘македонските’ шовинисти ја наоѓаат за одбраната на својата привилегирана позиција во унитарната држава, изградена и одржувана со сила врз основа на идентитет, историја, јазик и територии, кои се присвоени.“

„Тоа е пример на ‘успешен’ јазик на закана упатена кон целото човештво и на силата на заканата, која мнозинството Срби и ‘Македонци’ ја наоѓаат во ‘авторитетот’ на Путин да им ја упатат на Албанците, со цел да се посее терор, што би им го обезбедил континуитетот на нивниот свет, заснован врз нерамноправност, дискриминација, насилство, корупција… Тука ја наоѓаат причината за својата омраза кон Албанците и Западот и неговата демократија, бидејќи ги доживуваат како закана за овој нивен свет.“

„Во меѓувреме, улогата на албанските партии во позицијата во Поранешната Југословенска Република Македонија се претвори во служба на веќе докажаните платеници ДУИ, Алтернатива и ДПА, кои им даваат легитимитет и демократска боја на антиалбанските политики, дури и на претставувањето на овие политики во светот преку Министерството за надворешни работи. ДУИ, СДСМ и Алтернатива ја конзумираат и ја исмејуваат албанската ‘опозиција’, сега сведена на уморните лидери на ‘Алијансата на Албанците’. Нетрпеливоста и незгасливата жед за власт нив ги обедини со ВМРО ДПМНЕ, партија на која се уште и се политичка инспирација војната и гранатирањата на албанските села од 2001 година и која Албанците ги смета како ‘агресори од запад и север’.“

“Коалицирањето со оваа партија, по војната без минимален епилог за уставно решение на статусот на Албанците во Поранешната Југословенска Република Македонија, ја срами и ја понижува не само ‘опозицијата“ во последно време рекламирана како ‘малото зло’, кое се бори против ‘големото зло’-ДУИ , но го засрамува и го понижува и секој Албанец, кој ја доживеал војната во 2001 година. Ги понижува сите оние што имаа храброст и се фатија за оружје, за да им се спротивстават на дискриминаторската и агресорска власт под раководство на ВМРО ДПМНЕ, која и денес се повикува на оваа војна. Едновремено на најгруб начин го сквернави сеќавањето на мачениците, кои ги дадоа своите животи, како и сите оние невини жртви од таа војна, многу свежи во нашето сеќавање!“

„Создадената ситуација во врска со руската агресија на Украина, однесувањето на Србија и отворената поддршка на српските и ‘македонските’ граѓани на оваа агресија, и како последица на тоа опасноста за отворање конфликт и на Илирскиот полуостров, им дадоа важна лекција на целиот западен свет и на Албанците – Албанците беа и продолжуваат да бидат последната граница на западниот свет со светот на руските интереси во Европа. Затоа нерешеното албанско прашање и судирите кои ова прашање постојано ги оживува во овој дел на Европа треба да се решаваат, а не да се ублажуваат или да се одложуваат, како што се правеше досега.“ – заклучува Африм Ибрахими во својата колумна.