Иако не е потпишан, договорот од Охрид е правно обврзувачки и за Косово и за Србија – тврди Ескобар

Договорот постигнат во Охрид меѓу српскиот Претседател, Александар Вучиќ и косовскиот Премиер, Аљбин Курти, не се однесува за меѓусебно признавање на двете држави, туку за нормализација на односите меѓу нив, за да не може во иднина проблемот како со регистарските таблички да доведе до поставување барикади и да се заканува со дестабилизација на билатералните односи но и на поширокиот регион, изјави заменикот помошник на државниот секретар на САД, Габриел Ескобар во денешниот прес-брифинг организиран од Стејт Департментот.



Тој прецизираше дека постигнатиот договор, Соединетите држави, но и Европската Унија го сметаат за правно обврзувачки за двете страни и будно ќе ја следат неговата имплементација, независно од тоа дали тие потпишале некаков документ.

Според него, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, јасно стави до знаење дека страните се обврзале и дека спроведувањето на договорот ќе влијае на европскиот пат на двете држави.