Иако минимален, Вардар со пораз и во Сегедин во Лигата на шампионите

Серијата неуспеси на ракометарите на Вардар во Лигата на шампионите сезонава продолжи во Унгарија, каде што во период од четири дена повторно загуби од Пик Сегед, овојпат со 34:33.



Двократниот европски првак не ги материјализира ни предноста од три гола во првото полувреме, што го заврши со водство од 19:17, ни одличните Робин Кантегрел на голот, кој забележа 14 одбрани, и Иван Чупиќ во нападот, кој застана на 9 погодоци.

Уште еднаш, по кој знае кој пат, вардарци скапо ги чинеше црниот период од осум минути без гол во вториот дел, кога по 21:21 домаќинот се „одлепи“ со шест погодоци без одговор.

„Црвено-црните“ во финишот се доближија до еден гол негатива, но ништо повеќе од тоа во мечот во кој капитенот Стојанче Стоилов постигна 6 гола, еден повеќе од Тимур Дибиров и од Ловро Јотиќ

Составот на Стевче Алушовски остана на дното од тебелата во групата А со само 3 бода, а шанса да го поправи тоа ќе има во двомечот со норвешки Елверум на 21 и 24 февруари во Скопје.