И за в година се планира раст на парите од даноци – Од каде се најголемите приливи во државната каса?!

Вкупните приходи на Буџетот на Македонија за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари, или 5 милијарди и 42 милиони евра. Тие се за 10 проценти повисоки во однос на 2023 година. Од друга страна, како што е наведено во документот доставен до пратениците, но и како што најавија владините претставници, расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, или 5,5 милијарди евра, и тие се всушност 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година, пишува Фактор.



Приходите како што кажа премиерот опфаќаат 31,6 проценти од бруто-домашниот производ, додека пак расходите опфаќаат 35 отсто од БДП. Документот открива дека најголем прилив во државниот буџет повторно се очекува од даночните приходи, од кои се очекува да се соберат 178,066 милиони денари, или речиси 2,9 милјарди евра. Во даночните приходи најголем удел има данокот на личен доход, од кој во државната каса треба да влезат високи 31,1 милијарди денари, или речиси 506 милиони евра. Преку данокот на добивка во касата ќе влезат 19,5 милијарди денари или 316 милиони евра.

Но, многу повеќе пари ќе се соберат од популарниот данок на додадена вредност (ДДВ), 80,7 милијарди денари или околу 1,3 милијарди евра. Солидна сума се очекува да се собере и од акцизите, од нив власта следната година очекува прилив во државната каса во висина од 31 милијарда денари или скоро 504 милиони евра.

Убедливо висок приход во текот на следната година треба да се собере преку придонесите, кои достигнуваат 100,9 милијарди денари или 1,6 милијарди евра, а од нив најмногу пари се влеваат по основ пензиско осигурување и тие достигнуваат 70 милијарди денари или 1,1 милијарди евра.

–  Даночните приходи учествуваат со 57,4 проценти во структурата на вкупни приходи на Централно ниво за 2024 година. Во Буџетот за 2024 година, проектирано е повисоко ниво на остварување кај сите видови на даноци споредено за 2023 година – се појаснува во предлог законот за буџет.

Во Законот се посочува оти вкупните даночни приходи, кои ги опфаќаат приходите од данок на добивка, данок на личен доход, на додадена вредност, акцизи, увозни давачки и други даночни приходи и сопствени приходи на буџетските корисници, за 2024 година се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10 проценти над износот на приходи планиран за 2023 година. Повеќе на Фактор.мк.