Причина за ширењето на пожарот во тетовската модуларна болница можеби е продолжениот кабел на кој бил приклучен медицински апарат за лекување на пациенти, покажал извештајот на германските експерти, дознава Алсат, повикувајќи се на исвори од Обвинителство.
До такви сознанија претходно дојдоа и македосни експерти, кои на 10 октомври го доставија својот извештај до обвинителите коишто ја водат истрагата.
Пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби, констатираа експерти во септември. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Од ЈОРМ и од тетовското обвинителство официјално не потврдуваат дали и германските вештаци дошле до исти сознанија како и нивните македонски колеги. Велат дека извештајот се уште се разгледува и не се знае какви одлуки ќе произлезат од него.
„Надлежните обвинители го разгледуваат, а наводите ќе бидат споредени со другите прибрани докази во предметот“, велат од Јавното обвинителство за Дојче веле.







