Арбен Таравари ги закопа шансите на Алијанса за Албанците да ја испрати Демократската унија за интеграција во опозиција првпат по 2006 година. И ништо не научи од искуството на довчерашниот коалициски партнер Африм Гаши, чијашто Алтернатива двоецот ДУИ-СДСМ ја искористи како крпа за бришење за еднократна употреба. Само една година откако го спаси бродот што со дебаклот на Зоран Заев на локалните избори незадржливо почна да тоне, Димитар Ковачевски му „заблагодари“ со клоца. А Таравари, кој на своја кожа почувствува како е да си во Влада со Ахмети, пак му се врати во прегратките на својот „џелат“ од кој побегна само пет месеци откако „глумеше“ министер за здравство пред пет години.
Политиката не случајно ја споредуваат со најстариот занает во светот, ама олку очигледно проституирање на отворена сцена е малку многу. Посебно за опозициски настроените гласачи во политичкиот блок на Албанците во Македонија, чиишто надежи дека конечно ќе им го видат грбот на алиевци, грубиевци и ним сличните по кој знае кој пат се изневерени.
Приказните за некаков си европски фронт и Таравари, и Гаши, можат да ги врзат на мачка за опаш. За нешто повеќе од една година учество во водењето на државата, колку што ќе има и градоначалникот на Гостивар, прашање е дали Македонија воопшто и ќе почне со вистински преговори, а камоли да тргне со забрзани чекори кон Европската унија.
Не ќе да е тоа, јасно му е и на Арбен. Ова пукање во сопствената нога е само очаен потег за колку-толку да се смират и задоволат сопартијците по катастрофата на ланските вонредни избори во Тетово, на кои не освоија ниту едно советничко место. Разнишаната доверба во партиското водство не се надмина со оставката на Зијадин Села, а на патеките на успехот од парламентарните избори, кога заедно со Алтернатива добија 12 пратеници, Таравари уште помалку ќе го врати непромислената закана кон Македонците. Демек, ако не биле вклучени Бугарите во Уставот, Албанците во земјава можеле да се радикализираат, ќе порача до вчера умерениот Таравари, реизбран за гостиварски „кмет“ токму со поддршката на Македонците што гласаа(т) за ВМРО-ДПМНЕ?!
Па уште пред да реши да го излиже исплуканото против интегративците додека им беше опозиција, отиде во Амбасадата на САД да чуел мислење дали пак да се фати на орото со Ахмети?! Со што, сакал-неќел, стави американски печат врз тоа што треба(ше) да биде негова и одлука на неговата партија, вовлекувајќи ја амбасадорката Анџела Агелер и правејќи ѝ мечкина услуга.
Секој срка тоа што ќе си надроби, па така и Таравари. Сметката за тоа дали и колку ја фрлил во вода довербата на тие што ја гласале Алијанса за да го урне ДУИ, ќе ја добие најдоцна до средината на идната година и редовното соочување со нив на изборите за Собранието. А во нивните очи и тој, и Гаши „ја продадоа кучата“, како пред нив Мендух Тачи и Имер Селмани, кои завршија како политички маргиналци.
За грст функции, тендери, вработувања и илузија дека за нешто ќе одлучуваат во државата, покрај „велможот“ од Зајас и тајфата околу него. И Арбен, и Африм ја обесмислија борбата за отстранување на канцерот на македонското општество, како што обајцата ги етикетираа „зелените“ од Мала Речица. А со својата кусогледост (ин)директно ги полнат автобусите за западноевропските дестинации со разочарани Албанци, намалувајќи си го потенцијалното гласачко тело наспроти армијата клиентелисти под шинелот на интегративците.
Нивното политичко самоубиство само ѝ направи услуга на БЕСА да го пополни просторот што тие го ослободија во тој сегмент на електоратот на македонските Албанци и во моментов да биде најсериозен претендент за составот на идната влада предводена од сегашната македонска опозиција. Вредеа ли за тоа трошките од трпезата на Таче и Али? За куќата во Карпош па ич муабет да не правиме.






