Увозната зависност на Македонија од електрична енергија континуирано расне. Наместо зголемено домашно производство, ние имаме зголемен раст на увозот. Дека енергетската зависност може да стане сериозен проблем укажуваат и од Светска банка во својот последен полугодишен извештај за економиите од Западен Балкан.
– Република Северна Македонија е увозно зависна земја во однос на потребите од електрична енергија. Увозот на електрична енергија во изминатите години се движеше од 20 до 30 проценти од вкупната бруто-потрошувачка на електрична енергија и директно зависи од домашното производство на електрична енергија. Во 2021 година нето-увозот на електрична енергија изнесува 33,15 отсто, додека во 2020 година истиот изнесуваше 31,38 проценти од вкупната бруто-потрошувачка – се наведува во годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Енергетската криза, растот на цените и увозната зависност на Македонија и земјите од Западен Балкан од енергија се дел од темите на кои укажаа и претставниците на Светска банка, кои потенцираат дека е нужно државата да ја поттикне домашно производство и подобрување на енергетската ефикасност.
– Од сите земји на Западен Балкан, Албанија и Македонија најмногу се потпираат на увоз на електрична енергија. Македонија увезува 34 проценти од енергијата и тоа ја прави подложна на удари од регионално и светско ниво. Како што гледаме ЕСМ има зголемени трошоци за еенергија, што резултираше и со раст на цената на енергијата, и иако има субвенции, сепак, гледаме голема енергетска ранливост која е многу раширана на Западен балкан. Дополнително дел од домаќинствата имаат проблем со загревање на домовите. На листата на препораки за надминување на состојбата е зголемување на мерките за енергетска ефикаснот, снабдување од различни извори, соларна енергија, ветерна енергија, области каде може да инвестираат повеќе домаќинства кои ќе го зголемат домашното производство на енергија, а ќе треба да се зголемат и капацитети за складирање на енергијата – вели Редон Беголи, виш специјалист за енергетика при Светска банка.
Податоците на РКЕ велат дека во производството на електрична енергија во земјава најголемо учество имаат термоелектроцентралите со 39,83 отсто, потоа комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија со учество од 28,70 проценти, хидроелектроцентралите со 27,51 отсто, по што следуваат и сите преостанати со учество од 3,96 проценти. Во 2021 година четири компании управуваа со електроцентрали со инсталиран единечен капацитет поголем од 10 мегавати -ЕСМ, ТЕ-ТО, ТЕЦ Неготино и ЕВН Македонија.
Линк до целиот текст.







