Останаа да висат препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, стои како една од забелешките во нацрт-извештајот на Европската комисија од скринингот за Кластер 1, пренесува 360 степени.
Европската комисија го објави нацрт-извештајот од скринингот за Кластер 1 „Фундаментални вредности“. Генералната оценка што на прв поглед може да се извлече од нацрт-верзијата е дека земјава е „умерено“ подготвена за членство во Европската Унија во однос на легислативата и нејзиното спроведување во пракса во согласност со стандардите на ЕУ, пишува 360 степени.
ЕК: Балансерот веќе не ги исполнува целите
Како што пренесува порталот, во документот се вели:
„Не беа направени напори да се адресираат препораките на Венецијанската комисија за преиспитување на одредбите од Законот за употреба на јазиците поврзани со двојазичноста во судските постапки“

360 степени потсетува дека, за Законот за употреба на јазиците, кој беше донесен во јануари 2018 година, Венецијанската комисија излезе со мислење дека во одредени области тој оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.
Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап може значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, кое е загарантирано со Европската конвенција за човекови права, објави 360 степени.







