И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ бараат независни кандидати – Кој е најопасен за власта?

И власта и опозицијата се свесни дека класичен партиски кандидат многу тешко ќе победи на претседателските избори и затоа се анализираат опции за независни кандидати кои што ќе можат освен партиски кадри да анимираат и широка популација, брифираат партиски извори во повеќе партии.



Најавата дека Алијансата за Албанците и Беса може да кандидираат свој кандидат значи дека главниот кандидат на власта премиерот Заев, ако се реши да трча за претседател, ќе има два сериозни проблеми.

Едниот ризик е дека нема да може да собере 200,000 илјади албански гласови а другиот е дека ако успее во тоа тогаш ќе загуби до 100 илјади македонски гласови кои што не се на активни членови или симпатизери на СДСМ.

Од другите партиски кандидати неофицијално на внатрепариските анкети води министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски но тој е хендикепиран затоа што нема најдобар одзив кај Албанците а лошо стои во Скопје и кај неутралните гласачи во западна Македонија.

СДСМ размислуваат и за фаворитот на западните дипломати во Скопје министерот Никола Димитров кој добро стои кај Албанците но по неколкуте лоши изјави и скандалот со парите кои неговата ќерка ги доби од државата лошо котира кај урбаната популација во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид и други градски и рурални средини.

За него ситуацијата не е добра во СДСМ затоа што дел од соработниците а делумно и лично премиерот Заев немаат доверба во него. Стравот за Димитров е дека ако еднаш го напуштил ВМРО-ДПМНЕ зошто да не го остави на цедило и СДСМ кога меѓународниот фактор ќе се сврти против актуелната власт.

Според анализите во СДСМ за нив е најдобро да се кандидира независен но близок на СДСМ интелектуалец кој нема да може да се одметне кога Заев ќе почне да тоне.

Листата на вакви интелектуалци е долга и таа секојдневно се зголемува а најсериозните кандидати деновиве треба да се дебатираат и на највисоко партиско ниво.

За СДСМ како најприфатливи противкандидати се сметаат сите партиски кандидати на опозицијата затоа што со нив во кампањата лесно би се справиле користејќи се со хипотеките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото.

За власта како најопасни за било кој нивни кандидат се сметааат евентуалните номинации на оперската ѕвезда и лидер на движењето “За заедничка Македонија” Игор Дурловски и професорката Гордана Силјановска.

Интерните анкети на СДСМ покажале дека Дурловски може да анимира најголем дел од луѓето што го бојкотираа референдумот а за професорката Силјановска во СДСМ постои реален страв, втемелен на анкети, дека таа освен противниците на власта може да привлече и гласачко тело на СДСМ но и огромен број неопределени.

Тука пред се станува збор за десетина проценти од членовите на СДСМ кои што се против промена на името и против Законот за јазиците кој ќе треба да го потпише идниот претседател/ка.

За хендикеп на Дурловски според анализите се смета тоа што тој е политички неедуциран а за Силјановска дека нема да може да ја привлече радикалната десница.

И во ВМРО-ДПМНЕ се прават слични анализи со слични сознанија. Еден од заклучоците е дека класичен партиски кандидат тешко ќе може да го победи кандидатот на власта особено ако за него гласаат сите Албанци.

Во ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека дури и со сите албански гласови на контото на власта идниот претседател ќе го даде опозицијата а ако Албанците не гласаат масовно и не се полнат гласачки кутии победата на опозицискиот кандидат ќе биде убедлива.