Советот на Федерацијата – Горниот дом на рускиот парламент ги ратификуваше четирите „договори за пристапување“ кон Русија на делумно окупираните територии на регионите Луганск, Доњецк, Запорожје и Керсон во Украина. Одлуката е донесена едногласно, пренесе рускиот сервис на Би-Би-Си.
Државната дума одобри анексија на украински територии ден претходно, а во неделата тоа го направи на вонредна седница Уставниот суд на Русија.
Договорите со руските лидери на окупираните територии на Украина беа потпишани на 30 септември врз основа на резултатите од руските организирани „референдуми“, на кои, според изјавите на руските власти, мнозинството жители гласале за приклучување кон Русија.
Западните земји веднаш објавија дека нема да ги признаат резултатите од „референдумите“ и натамошните активности на Русија за анексија на териториите, додека Киев нагласи дека тоа нема да влијае на обидите за нивно ослободување.







