И оваа недела продолжува расправата во Собрание за изградбата на коридорите 8 и 10д

Расправата за законите кои на брза лента се туркаат во Собранието за изградбата на коридорите 8 и 10 д ќе продолжи oваа недела. Опозицијата обвинува дека не може да има суштинска дебата пред да го видат договорот потпишан со Бехтел и Енка, власта пак тактизира дека ВМРО-ДПМНЕ не дозволувале суштинска дебата.



Дали работната недела за работниците на коридорите ќе трае 60 часа и ќе работат во недела, ќе продолжи да се дебатира по Велигден. Опозицијата предупредува дека власта ретерира и сепак се обврзани за исплата на пенали доколку не се изгласаат измените. За законот кој го крена алармот на максимум кај работниците поднесени се над 1000 амандмани.

  • Ние не правиме блокада. Има два суштински амандмани, едниот да се поништи 60 часа работна недела, другиот да се укине екслузивката на министерката за труд и социјална политика. Толку, кратко и јасно е , ама не гледам кај вас дека има совест и морал, затоа немој да ми се повикувате на етички кодекс, ниту на гласачи, ниту на граѓани, вели Дафина Стојаноска од ВМРО–ДПМНЕ.

Паралелно со ова започна комисијата за предлог измените за законот за минерални суровини кој е еден од осумте закони. Опозицијата и за овој предлог стои на барањето да го види договорот а , затоа што на овој начин не би знаеле за што гласаат, а пак од СДСМ уверуваат дека Законот немал ништо ново освен поместување на дел од роковите за користење материјални добра.

  • Се работи за рокови, не се работи за ново законско решение туку за скратување на оние одредби за побрзо да се направи автопатот. Рековте, а јас запишав ќе го поддржам ако се прави побрзо според Устав и закон, вели Диме Велков – Претседател на комисија за економски.

Предлагачот на овој закон пак , Арбер Адеми го повтори она што цело време го слушаме – дека проектот е историски а опозицијата била против патиштата

  • Ако продолжите вака да правите во секоја комисија јас јавно ќе кажам и ќе го повторам истотот. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се против автопатот Прилеп-Битола, вели Арбер Адеми 

Собранието по скратена постапка работи за донесување на осум законски решенија по теркот на Бехтел и Енка. Доколку бидат изгласани сите предлози, работниците на коридорите ќе работат 60 часа и плус во недела, Бехтел и Енка пак ќе биде ослободена од давачки кон државата.