Ангел Димитров, првиот човек на бугарскиот дел од Заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и учебниците вели дека дел од работата на Комисијата е даде препораки за промени и во музејските поставки.
„Успеавме да го видиме Музејот на револуционерната борба во Скопје, кој е далеку од научните стандарди и во чија поставка се неопходни сериозни промени. Кога и дали сите бугарски барања ќе бидат исполнети, зависи единствено од поготвеноста на Р. С. Македонија да го следи патот на европските интеграции“, изјави деновиве Димитров во интервју за софиски 24 Часа, пренесе „Инфомакс“.
Тој вели дека примената на Договор за пријателство и добрососедство не може да чека. „Одлагањето на поканата за членство во ЕУ, меѓутоа е јасен сигнал дека неопходните реформи и отстранувањето на конфликтните проблеми со други држави треба да се случат. Општества без храброст за вистината и без сили за промени се осудени на пропаст. Се надевам дека покрај Вардар сепак го разбираат тоа и дека ќе ја оценат поддршката, што ја добиваат од Бугарија“.




