И Милошоски “поднесе” прозападна оставка

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, преку Фејсбук денеска поднесе неотповиклива сатирична проевропска оставка од сите партиски функции.



Во сатиричната објава која е напишана како одговор на партиските оставки но и на обвинувањата за антизападни активности на неговата партија Милошоски потсетува дека тој како министер за надворешни работи го потпишал договорот за стратешко партнерство со САД и безвизниот режим со ЕУ.

“1. во Мај 2008ма година го потпишав Договорот за стратешка соработка Македонија – САД, и со тоа сум создал услови за зголемено руско влијание во земјава, кое во овие клучни моменти за нашата партија и држава се појавува како пречка на безалтернативниот евроатлански пат, и

2. затоа што носам лична одговорност што како држава во 2009/10 година добивме безвизен режим за патување со македонски пасош во земјите на ЕУ, а тоа очигледно било само чин на лажен патриотизам кој дополнително не’ втурна во антиевропски изолационизам и меѓупартиски токсични игри”, пишува Милошоски кој е актуелен шеф на собраниската комисија за надворешна политика.

Со својата шеговита објава Милошоски најверојатно се обидува да се шегува со своите партиски колеги кои изминатива денови дадоа вистински оставки од партиските функции.