И Македонија не ја признава руската агресија на Крим

Учесниците на вчерашниот инаугуративен самит на Кримската платформа испратија порака до Украина дека не е сама и дека меѓународната заедница нема да ја признае анексијата на Крим, и преку новата платформа заедно ќе работат на барање решение за ова прашање.



Украинскиот претседател вети дека ќе стори сé за да го врати полуостровот Крим, кој беше припоен кон Русија пред седум години, и ги повика меѓународните сојузници да ги поддржат овие напори.

Домаќинот на Кримскиот форум, украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека на Украина „и е потребна меѓународна поддршка“ со цел да се „запре руската агресија“.

Тој зборуваше на самитот Кримска платформа, кој Украина го организираше за да го зголеми притисокот врз Русија поради анексијата во 2014 година, која поголемиот дел од светот ја прогласи за нелегална, пренесува Нова ТВ.

На самитот присуствуваа високи претставници од 46 земји и блокови, вклучувајќи ги САД, ЕУ и Турција и претставници од сите 30 земји -членки на НАТО, меѓу кои и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Тој  во своето обраќање ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Република с Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, подвлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права и меѓународното хуманитарно право.

„ Република Северна Македонија го поздравува одржувањето на Самитот за Кримската платформа иницирана како меѓународен координативен механизам за повторно разгледување на прашањето за Крим, со нагласување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, потпирајќи се на нормите на меѓународното право, резолуциите на Генералното собрание на ОН и одлуките на другите меѓународни организации“, истакнал Османи, се наведува во соопштението од МНР.

Од своја страна, Русија негативно го оцени Самитот. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го осуди самитот како „антируски настан“.

ПОВЕЌЕ