И Ковачевски бара ремонт во правосудството

Премиерот Димитар Ковачевски е на став дека треба да се направи како што вели ремонт на одредени институции во правосудството. 

Прашан околу најавите на министерот за правда Кренар Лога за евентуални законски преодни одредби за престанок на мандатот на членовите на Судскиот Совет, Ковачевски вели дека неопходен е систем во правосудството кој ќе утврди одговорност за слабите резултати.



-Треба да се направи ремонт на одредени и институции, процеси па и закони во делот на правосудството бидејќи сите анализи тоа го покажуваат. Сите изјави од странски дипломати тоа го покажуваат. Во правосудството, како и во секоја организација, има личности кои што се врвни професионалци, но има и поединци како и во секој систем кои немаат перформанси на ниво на кое треба да имаат. Затоа треба да има систем во правосудството кој ќе може да дијагностицира одговорност, таа има име и презиме, изјави – Димитар Ковачевски.

Предлогот за кој Лога рече дека треба да се разговара и со пратениците од власта и опозицијата, ако е законски издржан ќе го поддржи ВМРО ДПМНЕ. Денеска од пратеничката група побараа на дневен ред во собранието да се стави информацијата за состојбите во Судскиот совет и негова оставка во целст.

-Метастазирани се Судскиот совет, судовите, обвинителствата. Одговорност за ова мора да има. Затоа, најпрвин бараме ставање на точката за Информација за состојбата во Судскиот совет на дневен ред, уште на првата наредна седница, оставка од Судскиот совет во целост, а потоа и одговорност од Владата, изјави – Дафина Стојановска од ВМРО ДПМНЕ.

Во советот се уште владее молк по најавите за нивно можно распуштање.