На повидок се еден куп неповолности и негативни ефекти поради кои во 2024 година може да очекуваме „анемичен“ раст на македонската економија, вели за РСЕ професор Трајко Славески од Економскиот факултет во Скопје. Додека економските експерти се сомневаат во поголем раст на македонската економија во однос на минатата 2023 година, министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека оваа година економскиот раст ќе биде повисок, а инфлацијата пониска. Според него, кој е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека неповолно за македонската економија ќе биде тоа што забавуваат економиите кај трговските партнери на земјава од ЕУ, пред се кај Германија за која посочува дека веќе е во техничка рецесија која негативно се одразува во неколку сектори, особено во автомобилската индустрија.

„Дополнително негативен ефект врз извозот ќе имаат зголемените трошоци по единица труд, како резултат на растот на платите и реалната апресијација на девизниот курс поради превисоката стапка на инфлација изминативе две години кај нас во споредба со инфлацијата во Еврозоната. Не постојат за жал домашни фактори кои би можеле да ги компензираат овие неповолни состојби во размената со странство. Оттаму може да очекуваме анемичен раст на БДП од околу 2 отсто“, вели Славески.
И изборите ќе ја забават економијата? 2023 година завршува со раст на економијата од околу 2 проценти, според податоците на Министерството за финансии и Народната банка на Македонија. Министерот за финансии Бесими вели дека во услови на економска стагнација во Европа, земјава во 2023 имала „помал, но позитивен економски резултат“ со раст на БДП од 2,3 проценти.

„Во 2024 година се очекува забрзување на економскиот раст во земјата и тој да изнесува 3,4 отсто, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка“, вели Бесими.
Ова ќе биде и изборна година, што по традиција ги забавува економските текови. Иако Бесими вели дека и покрај изборите фокусот ќе биде кон обезбедување на одржливи финансии, Славески смета дека е извесно оти изборите ќе ја забават економијата. Македонската економија беше погодена од висока инфлација во пост ковид периодот и економската и енергетска криза.





