И да не се зголеми ДДВ-то, струјата ќе поскапи, но за колку?!

Власта тактизира и сè уште не дава прецизен одговор дали од 1 јули ДДВ-то за струјата ќе се врати од 10 на 18 отсто. И покрај барањето на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, дека е прерано да се врати ДДВ-то на 18 отсто и оти тоа може да се одложи до крајот на годината, надлежните министри се со спротивен став. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека и да се врати и да не се врати ДДВ-то, струјата ќе се покачи. И експертите се со ист став дека струјата секако ќе поскапи, бидејќи енергетските компании работат со загуби и имаат големи долгови кои се покриваат од Буџетот на државата.



Доколку од 1 јули ДДВ-то за струја се врати на 18 отсто, тоа ќе влијае со 7,2 отсто повисока цена за струја за домаќинствата. Во моментов во Регулаторната комисија за енергетика се прават анализи околу враќањето на евтината струја, познато е дека ќе биде во траење од два часа во интервалот од 12 до 16 часот, но не е прецизирано од кога ќе почне да се применува.

Дали и колку ќе поскапи струјата зависи исклучиво од ЕСМ и цената за мегават-час, која таа ќе ја понуди на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а која треба да биде одобрена од Владата. Неофицијално пресметките се дека треба да изнесува околу 73 евра за компанијата да работи рентабилно.

Од ВМРО-ДПНЕ бараат враќање на стапката на ДДВ за струјата на 5 отсто, наместо најавените 18 отсто. Оттаму сметаат дека доколку не се прифати нивниот предлог, од 1 јули граѓаните ќе плаќаат поголеми сметки за струја за најмалку 8 отсто. Во моментов стапката на ДДВ е 10 отсто, а од 1 јули таа ќе се зголеми на 18 отсто, а они со ова предлог – решение предлагаат таа да се намали и веднаш да биде 5 отсто.

  • Од 1 јули нема да има корекција на стапката на ДДВ од 10 на 18 отсто, а за сметка на тоа ќе ја зголемат цената на струјата. Државната ЕСМ работи со огромни загуби. Минатата година вкупните загуби на ЕСМ изнесуваа 230 милиони евра кои им беа дадени од Буџетот, а компанијата тие средства ги покажа како приходи и имаше добивка. Но реално ситуацијата не е таква. Ако ги извадиме тие пари ќе видиме дека ЕСМ лани остварила загуба од 180 милиони евра. Поради тоа ќе се зголеми цената на струјата. Буџетот мора да се полни за да се даваат пари на државната ЕСМ ако тоа не се направи преку ДДВ-то ќе се направи преку сметките на граѓаните, изјави за весникот ВЕЧЕР Гордана Димитриевска-Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, со враќање на евтината дневна тарифа власта само ги залажува граѓаните за да им го протне зголемување на цената на струјата. И министерот за економија Крешник Бектеши неодамна призна дека не очекува цената на струјата да порасне за повеќе од 13 отсто.

Енергетските експерти се согласни дека ДДВ-то на струјата беше наменски за да се ублажат последиците од енергетската криза врз домаќинствата, но наместо после една беше договорено да почне да се враќа после две години.

  • Владата донесе одлука за укинување на ДДВ-то на струјата со цел на 1 јули 2022 година да се врати на 5 отсто, 1 јануари 2023 на 10 и на 1 јули 2023 година на 18 отсто. Оваа мерка беше донесена со цел да се намалат последиците од енергетската криза врз буџетот на домаќинствата, но требаше да почне да се враќа по две години. Заштедата на граѓаните од враќањето на евтината дневна тарифа ќе биде незначителна, односно тој износ нема да го почувствуваат на крајните сметки. Од друга страна враќањето на ДДВ од 10 на 18 отсто ќе ги зголеми сметките на сите. Освен струјата ќе бидат зголемени и ставките за пренос и дистрибуција, што значи вкупно крајните сметки ќе бидат повисоки за 8 отсто, изјави за весникот ВЕЧЕР, енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

И професорот Константин Димитров вели дека она што е важно е дека сметките на граѓаните ќе се зголемат за 8 отсто.

  • Со враќањето на ДДВ-то од 10 на 18 отсто сите ќе плаќаат за 8 отсто поскапа струја. Враќањето на евтината дневна тарифа само два часа дневно нема да има поголем ефект врз сметките за струја. Евтина струја два часа дневно може да користат само пензионери и невработени, додека останатите кои се на работа во тој период тоа ништо нема да им значи, вели Димитров.

Според него, она што е важно за граѓаните е дека вкупната сума која ќе ја плаќаат за струја на крајот ќе им биде повисока за 8 отсто. Така на пример со евтината дневна тарифа може да заштедат еден отсто, пак сметките на крај ќе им бидат повисоки за 7 отсто. Инаку енергетските оператори МЕМО, МЕПСО и Електродистрибуција ги доставија своите пресметки во кои бараат зголемување на цените на нивните услуги за 30 до 80 отсто.