И Чешка ќе бара изземање од забраната за увоз на руска нафта

Чешка на одредено време ќе побара изземање од европското ембарго на увоз на руска нафта за да добие на време за зголемување на капацитетите на нафтоводот, кажа премиерот Петр Фијала.



„Спремни сме да ја поддржиме таа одлука (за санкциите кои ја опфаќаат нафтата), но Чешка да добие одложување кое е потребно за зголемување на капацитетите со кои нафтата може да се донесе во Чешка“, изјави Фијала. „Се обидуваме да добиеме одложување од две, три години“.

Чешка се обидува да го зголеми капацитетот на нафтоводот ТАЛ, кој оди од Италија преку Австрија до Германија и кој чека дозвола од властите во Баварија. Изземање од санкциите на ЕУ претходно побараа Словачка и Унгарија.

Европската комисија вчера претстави предлог за нови санкции против Русија кои вклучуваат забрана за увоз на сирова нафта од Русија во рок од шест месеци и нафтени деривати до крајот на оваа година.

Словачка, која речиси целата сирова нафта ја набавува од Русија преку нафтоводот Дружба уште од советско време, бара тригодишен транзициски период. Унгарија објави дека не поддржува санкции во продолжена форма и дека ќе стави вето на секој предлог за ембарго.

И Бугарија вчера побара изземање од ембаргото на увоз на руска нафта.