Во писмо адресирано до шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Бојан Јовановски вели дека има „бомби“ за објавување – аудио снимени разговори, транскрипти и остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи.



Бопки 13 вели дека располага со сознанија и докази за сторени кривични дела од страна на високопрофилни личности од сферата на политиката, правосудниот систем и бизнис елитата.

Тој во писмото потенцира дека не прифаќа друг јавен обвинител, бидејќи само во Абази има доверба.

„Во јули 2020 година започнав со пријавување и со поднесување кривични пријави на записник, заклучно со месец декември 2020 година пред јавен обвинител од ОЈО-Скопје и требаше да продолжам со поднесување на пријавите, но до ден денешен не сум повикан, иако тоа го барав и по писмен пат до обвинителот Гаврил Ристовски да бидам повикан од негова страна.

За досега поднесените и комплетирани кривични пријави нема донесено никаква јавно-обвинителска резолуција, па оттука, поради сензитивноста на поднесеното, сериозноста и карактерот на кривичните дела, особено поради мојата моментална положба и статус, барам да бидам изведен исклучиво пред вас, бидејќи изразувам целосна недоверба кон правосудниот систем, дотолку повеќе што во пријавите се опфатени лица со реална моќ и влијание.

Целата моја доверба ја вложувам во вас, па затоа барам ВЕДНАШ И БЕЗ ОДЛОЖУВАЊЕ, да бидам изведен пред вас по ваша издадена наредба, особено важно што во овој период сум директна жртва на незаконито, фалсификувано и антидатирано судско решение донесено од Основен кривичен суд Скопје, за кое имам основано сомневање дека е донесено од криминогени побуди и намери на поединци.

Воедно, молам за заштита од ваша страна во рамки на законот, дотолку повеќе што сум се соочувал и се соочувам со реални закани по мојот живот и истото го очекувам да биде интензивирано после ова истакнато барање до вас за поднесување кривични пријави“, пишува Боки-13 во писмото