„Ако сакате да пиете кафе, вакцинирајте се“, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши кој ги повика граѓаните, особено угостителските објекти, да ги почитуваат мерките за заштита и протоколите, бидејќи само на тој начин ќе се спречи ширењето на коронавирусот.



„Ако сме доведени во ситуација да воведеме целосен „локдаун“ на одреден сектор, ние, како и претходно, ќе донесеме економски мерки за целосно затворање на одредени сектори“, рече Бектеши.

Според него најновите рестриктивни мерки донесени од Владата, не се за целосно затворање на угостителски објекти туку само за тие кои работат внатре. Тие нема да смеат да работат, а за оние кои работат на отворено, со капацитет над 30 гости, секој кој ќе сака да влезе треба на редарските служби да им покаже сертификат дека е вакциниран.

„Објектите кои се со капацитет под 30 гости, не се обврзани да имаат редарски служби“, вели министерот за економија.

Тој потенцира дека Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на сите угостителски објекти дали мерката се почитува или не.