И Аргентина низ пенал-драма до полуфиналето на мундијалот во Катар (ВИДЕО)

Како и Хрватска пред неа, фудбалската репрезентација на Аргентина се пласира во полуфиналето на Светското првенство во Катар по подобро изведување пенали од Холандија, па „коцкестите“ и „гаучосите“ во вторник меѓусебе ќе го одредат првиот финалист.



Разликата со Хрватите е што Аргентинците имаа, практично, добиен меч по водството од 2:0 со головите на Молина во 35. минута и на Меси од пенал во 73. минута, но резервистот Вегхорст во 83. минута и во 11. минута од надополнувањето на времето ја одведе средбата во продолженија, во кои немаше погодоци.

Во пенал-рулетот поуспешни со 4:3 беа Јужноамериканците, чиј голман Емилијано Мартинез ги одбрани првите два удара на Ван Дајк и на Бергхуис, а точка стави Лаутаро Мартинез по промашувањето на Фернандез. Покрај него, прецизни од белата точка за победникот беа и Меси, Паредес и Монтиел, а за „лалињата“ погодија Копмајнерс, Вегхорст и Лук де Јонг.

За Меси, чиј сон за мундијалско злато продолжи, ова беа десетти гол и седма ссистенција на светските шампионати.

Најважните моменти од второто четвртфинале во Катар на линкот:

https://www.fifa.com/fifaplus/en/watch/66evf9qAjJh9fF7GeYBmtd