Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфан Хусеини во изјава за Утрински брифинг вели дека согласно Законот за транспорт во патниот сообраќај, Царинската управа на граничните премини има овластување и мора да го врати превозникот, доколку не поседува извод од лиценца.
„Ако автобусот навистина немал извод од лиценца на граничниот премин Деве Баир не смееле да го пуштат да ја напушти државата. Сепак сметам дека овој пропуст не влијаел врз несреќата. Надлежните органи во Бугарија како причинители за несреќата ги наведуваат условите на патот, исправноста на возилото и човечкиот фактор. Никој не го спомена изводот од лиценцата. Сепак треба да го има, ние ќе провериме зошто го нема, но тоа не е одлучувачки фактор во оваа несреќа“, нагласува Хусеини.







