„Скандалозна, навредлива и срамна е изјавата на претседателот на ДУИ Али Ахмети дека младите што бегаат од земјата не се патриоти. Штом Али Ахмети ја загубил врската со реалноста, овие изјави можеби ќе бидат многу нормални за него и за неговиот круг.“ – вели Хузеир Мустафи, претседателот на огранокот на опозициската Алијанса на Албанците од Куманово, во својата колумна со наслов „Имаш право, ‘Али Баба’: сите се предавници само ти си патриот!“. Информативната агенција на албански јазик ИНА ја објави оваа колумна на Мустафи, во која тој го нарече лидерот на ДУИ „Али Баба“, иронично поврзувајќи го неговото име со приказната за „Али Баба и 40-те разбојници“.
Во својата колумна Мустафи му реплицира на Ахмети: „Не, Ахмети, младите бегаат, оти не можат да си обезбедат работно место на нечија листа како возачи на вашите функционери. Младите бегаат, бидејќи не му веруваат на правосудството преполнето со партиски кадри и оти повеќе нема правда во земјата, со која вие владеете две децении.“
„Младите бегаат, бидејќи не можат да се согласат со фактот, што ги гледаат вашите функционери, кои од ништо завршуваат со суперлуксузни автомобили и со богатство, секогаш крадејќи од државата на штета и на грбот на народот. Младите бегаат, бидејќи и оние неколкумина што успеале да се вработаат ги држите под психички терор, вовлекувајќи ги во партиски активности и наспроти нивните желби и преференции.“
„Младите бегаат, бидејќи со вашето владеење се загубија безбедноста, економската и политичката стабилност, се загубија моралните вредности, оти се стана вештачко. Младите бегаат, бидејќи се жртвуваат себеси само да ги обезбедат економска стабилност на своите семејства и за да ги направат независни од вас и од вашето влијание.“
„Младите бегаат и се жртвуваат за нивните семејства, тие не го трпат потчинувањето, тие ја сакаат слободата многу повеќе одошто ропството, кое вие им го понудивте, тие ги сакаат мирот и спокојот, тие се работници во странски земји, оти вие им оневозможивте тоа да бидат овде.“ – нагласува Хусеини во својата колумна.





