Хрватскиот аналитичар Томислав Кардум смета дека бугарското условување на евроатлантската интеграција на Македонија е поучно за неговата земја.
„Иако бугарските причини се неоправдани и со нив Софија не постигнува ништо – Македонците сигурно нема да ја загубат својата национална свест и да станат Бугари, туку со таквиот ‘булинг’ само ја антагонизираат и ја оддалечуваат Северна Македонија од себе, без да имаат конкретна корист од тоа – Хрватска од овој случај може многу да научи. Имено, со користењето на својата положба (во ЕУ) можат да се извлечат значителни концесии. Така, Хрватска би морала да опстои (ако не дојде до промена во меѓувреме) на промената на дискриминаторскиот и противуставен изборен закон во БиХ, кој овозможува мајоризација на Хрватите“, оценува Кардум во анализата насловена „Северна Македонија пред нова идентитетска пречка – зошто Бугарија го блокира Скопје“, објавена на порталот „Геополитика.њуз“.






