Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ најави дека ќе бидат изречени казни за трговците кои одбиваат да ги вратат старите цени што неразумно ги покачија при претворањето од куни во евра по влезот на земјата во еврозоната на 1 јануари.



Со тоа тие ја намалиле куповната моќ на граѓаните и мунаштетиле на стопанството, зголемувајќи ја и онака високата инфлација.

Висината на казните варира од 1.000 до 26.000 евра, пренесоа медиуми.

Премиерот и ги повика граѓаните да продолжат да ги пријавуваат оние што ја прекршуваат владината одлука за враќање на цените на нивоа до 31 декември 2022 година.

Пленковиќ нагласи дека покрај казните, може да се укинат и субвенциите за производителите на енергија.

„Во време на криза, важна е солидарноста и одговорноста и ставот кој не е нужно насочен кон профит“, истакна тој.

Инспекторите досега извршиле речиси 700 контроли, а од 1 јануари во 178 случаи констатирале неоправдано поскапување.

Просечното поскапување во продавниците е до 13%. Најголем раст има во услужниот сектор, а потоа во трговијата на мало, особено пекарските производи кои поскапеле за 15%, но некаде има и раст од 30%.

Во продавниците, повеќе од 70 отсто од субјектите ги враќале цените од пред воведувањето на еврото. За услугите за фризерство и нега на тело цените се зголемени во просек за 20%, а во некои случаи и за 50%.