Хрватска лани со најмал број родени во историјата

Според привремените податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), 2023 година е најлошата година во историјата на Хрватска по бројот на раѓања. До крајот на ноември се родени помалку од 30.000 деца, а ако се суди според историските трендови за декември, тоа значи дека вкупно минатата година ќе има помалку од 33.000 раѓања.



За споредба, во 2011 година се родени 42 илјади деца, што е е драстичен пад од околу 9 илјади за краток период, а нема индиции дека состојбата ќе се подобри.

Не се родиле повеќе од 3.000 деца во ниту еден месец од 2023 година, што не е забележано ниту во годините на пандемијата (2020 и 2021 година). До 2017 година ретко се случувало бројот на раѓања да биде помал од 3.000 во кој било месец.

Од друга страна, бројот на починати е релативно константен и се движи меѓу 4.000 и 5.000 месечно, што значи дека секој месец во Хрватска умираат илјада, а во некои месеци и две до три илјади луѓе повеќе отколку што се раѓаат.

Ако се спореди бројот на родени и умрени, лесно може да се заклучи дека во 2023 година Хрватска загубила 18 илјади жители само врз основа на бројот на умрени лица што е поголем од бројот на раѓања.

Хрватска е во многу тешка демографска ситуација и поради иселувањето, и поради падот на бројот на новородените. Овие два проблема всушност се поврзани, затоа што емиграцијата ја сочинуваат претежно млади луѓе кои тукушто почнуваат или се во фаза на создавање семејство, а со тоа се намалува потенцијалот за раѓање деца во земјата.