Христовска-Угриновска: Министерката Царовска ги остави сами лицата со аутизам

Активистката за правата на лицата со аутизам и новинарка Соња Христовска-Угриновска ја прашува министерката за труд и социјала Мила Царовска дали денеска на 2 април ќе го презентира долго очекуваниот регистар на лицата со аутизам.



„Tаа беше гласна критичарка дека претходната Влада не го носи регистарот и не ја следи статистиката на појавата на аутизам во Македонија. Многу добро знае колку е итно да се донесе и зошто е потребен. Зошто не е донесен?
Царовска даде и три ветувања во име на СДСМ за лицата со аутизам: Национален центар за рана дијагностика и третман (по еден центар за лица со попреченост во секоја општина), хумано сместување на аутистичните лица кои немаат семејна грижа, како и бесплатна здравствена заштита, бесплатен логопед и дефектолошки третман во домашни услови за сите лица со аутизам“, вели активистката и заклучува дека ветувањата биле само за пред гласање, а потоа нова плоча, ама пее Мурто.

„Денес сè е итно за оваа Влада, ама лицата со аутизам и нивните семејства не. Ќе смениме државно име, ќе воведуваме двојазичност, ќе зголемуваме старосна граница за пензионирање, ќе воведуваме прогресивен данок…, ќе финансираме разно-разни глупости и секаквости од разно-разни културни, литературни, спортски, музички, па и верски програми ако треба, ќе дадеме ако треба и милијарда евра за отштета за раскинати договори, сè е битно и приоритетно освен приоритетите – вистинските потреби на луѓето што останаа во Македонија!
Ќе губиме време и луѓе додека пропаѓаме економски, социјално и морално како општество. На крај и ќе свириме како оркестарот на „Титаник“.
***
Драги соборци, и на денешниот Светски ден на аутизмот потврдуваме дека – сме сами. Тие сами во нивниот свет, ние сами во борбата за нив“, пишува Христовска-Угриновска.