Христо Кондовски да одговори на битолчани дали позадината на договорот со АД ЕСМ се милионските суми во евра кои ова акционерско друштво ги троши за осигурителни услуги?-прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Менаџерот за живот на рати Христо Кондовски, веќе трет ден молчи за склучениот договор помеѓу една од неговите фирми, каде е потпишан лично тој и АД ЕСМ и Васко Ковачевски, попознат меѓу битолчани како банкарот на Заев!
АД ЕСМ во својот демант наведоа дека договорот е склучен пред бирото за јавни набавки, но денес ги прашуваме кои беа условите на тендерот и колку приватни компании се пријавија на истиот, дали беа повеќе или беше само фирмата на Христо Кондовски, како што зборуваат и нашите информации.
Го прашуваме денес Христо Кондовски, дали постои судир на интереси, кога фирма која посредува помеѓу клиенти и осигурителни компании е вклучена во изработка на условите за тендер токму за овие услуги?
Го прашуваме Христо Кондовски, дали позадината на овој договор за консултантски услуги се милионските суми во евра кои годишно ги троши АД ЕСМ за осигурителни услуги?
Христо Кондовски треба да им одговори на битолчани дали со овие пари ја финансира неговата скапа кампања и дали е ова начинот на кој сака да се добере и до општинската каса?
Почитувани,
Христо Кондовски не е тука за да работи за Битола, туку само да заработи ! “ велат од партијата.
Инаку, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Битола, Тони Коњановски, положи цвеќе по повод денешниот празник и испрати порака до Битолчани. Во продолжение интегрално ја пренесуваме неговата изјава:
„Почитувани битолчани,
Пред 80 години македонскиот народ се крена во борбата за ослободување на Македонија, затоа 11 октомври е еден од најзначајните датуми во нашето историско постоење.
Антифашистичката борба за национална слобода и АСНОМ, заедно со двата Илиндена, се цврстите темели, врз кои е изградена современата македонска држава.
Денес, кога македонските херои се бришат од учебниците по историја, кога се тргува со нашето минато како на зелено пазарче, неопходно е вклучување на новите генерации, на најмладите во одбележувањето на македонската борба за слобода и истрајност.
Денешниот празник, само не обврзува и ни потврдува дека борбата никогаш не смее да запре!
Мои битолчани денес битките не се водат на боиште! Денес војуваме против лажен морал, корупција и лаги кои ни го расипуваат секој празник!
Денес војуваме за нови вработувања, за среќни млади луѓе, за современа инфраструктура и пристоен, живот за секој нејзин граѓанин на Битола!
Нека ни е честит 11 октомври, нека ни е убава и развиена Битола! Нека ни е вечна Македонија!“ – рече Коњановски.





