Холанѓанецот е во право, но нашите мани не се негова работа

Самоуверено, во емисијата „360 степени“ на МТВ, на 2/12/2023, (пренесе и „Нова Македонија“, на 6/12/2023) холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп, ни плесна во лице многу наши мани, злоупотреби, криминали… И, што е крајно навредливо, сето тоа го стави во контекст на нивната помош -„влогот на Холандија е огромен, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници“? Овој негов испад, којшто не му е ниту прв, е целосно надвор од однесувањето на еден дипломат и заслужува целосна осуда.



Македонија високо ја цени помошта од Холандија, а сите критики коишто ги спомна Јан Коп, се точни! Факт е дека – немаме реформи; има неприфатлив политички притисок врз судовите, вклучувајќи го и Врховниот; имало притисок и при изборот на обвинители и на Судскиот совет; ништо не се презема по наодите на Антикорупциска и на државниот ревизор… Карактеристични се – случајот со ИРЛ; со изборот на контролори за летање; сомнителните процедури околу Коридор 8; амандманите на Кривичниот законик… Навистина е така, ама тоа и сите нас длабоко нѐ револтира.

Меѓутоа, нашите мани не се негова работа. Особено, не во комуникација со јавноста, иако намерите му се секако позитивни. Како добронамерен амбасадор на пријателска земја, би било во ред за тоа да разговара со власта. Да ја изрази својата загриженост, или на својата земја, ако за тоа има инструкција. Кога е веќе во недозволени води, во јавноста, тој морал проблемот да го стави макар во поширок контекст. Да побара и некакви причини, или корени, за таквите состојби. Такви има безброј, иако оправдувања – нема.

Во прашање е неверојатно еднострано и, затоа, крајно неточно видување на нашата земја. Претходно, оценил дека ние сме ја оставале Унијата премногу да нѐ чека! Зар е можно такво нешто, кога е општо познато дека Брисел – одамна нѐ заборавил во чекалната! Сите овие 30 години на независност, ЕУ, и не само таа, на екстремно нецивилизиран начин – ја (мал)третираат Македонија. Точно така. Цело време ни поставуваат блокади, ултиматуми, нови и нови услови… Најчесто го бараат невозможното, заедно со празни ветувања за членство. Сетете се само на Охридскиот рамковен договор.

На Јан Коп, мора да му е познато дека во сите години на независност, Македонија нема поминато ниту месец дена без да биде непризната, под притисок, уценета, блокирана, под ултиматум… И сето тоа било НЕЛЕГАЛНО! На пример, грубо беше игнорирана дури и Повелбата (Уставот) на ООН, кога на силеџиски начин ни беше суспендирано историското и уставно име, за да се обезличи земјата. Името ни го суспендира, и безимени нѐ прими Светската организација, која е симбол на демократијата! Таков парадокс никогаш немало, ниту ќе има.

Долго не ни ја признаваа државата, иако бевме единствена од југословенските републики којашто се одвои без војна. А, доколку и Македонија тргнеше во воена разврска, а беше оставена ограбена, без девизни резерви… многу веројатно тоа ќе значеше почеток на III балканска војна, којашто никој не ќе можеше да ја контролира. И, што доби Македонија за возврат? Празни ветувања и просјачка помош. Ништо друго.

И Холандија не ни го признаваше името на државата, а универзално право е самиот да си го одбираш. Со тоа се игнорираше и идентитетот на македонскиот народ. И Хаг бесрамно стоеше зад ултиматумот – прво името, потоа членство, во НАТО и ЕУ. Значи, сите овие години, Холандија ем нѐ помага, ем стои зад блокадите, уцените, агресијата (на НАТО) од Косово, обезличувањето во Нивици… И, како може да се очекува овде се’ да биде нормално? Тоа е чиста илузија!

Впрочем, што направи Хаг кога нашата јужна граница беше преку две години нелегално блокирана? Ништо. А, заради санкциите врз СР Југославија, ни беше блокирана и северната граница. Дали Холандија би преживеела една двогодишна и друга многугодишна блокада на своите граници? Многу тешко, и со страшни последици. Такви беа и кај нас. И, никому ништо.

Сета помош којашто сме ја добиле до сега, ОД СИТЕ, не ги покрива ниту штетите од овие две блокади. Затоа, практично, даночните обврзници на Јан Коп само компензираат, бидејќи и  нивната држава ги поддржуваше нелегалните политики против Македонија. Може да се постави дури и прашањето – дали најголем дел од парите ни ги праќаа за да си ја намалат грижата на совеста, заради сите ујдурми на коишто нѐ изложија? Со помошта, пак, и нас нѐ залажуваа дека, ете, не сме оставени само на немилост од блокади и уцени.

Помошта е секако значајна за нас. Меѓутоа, 10 пати повеќе од парите, нам ни е попотребна поддршката на Холандија за нашите универзални аспирации да останеме тоа што сме, како народ и држава. Да го сочуваме нашиот вековен национален идентитет, нашиот јазик, нашата историја и традиција. Сите тие ни се загрозени со користење на сила, којашто е надвор од сите меѓународни норми. Холандија е дел од тие неправди.

Јан Коп бара и уставните промени. Зарем не му е јасно дека, официјално, според попис, во Македонија има 3.504 Бугари, а во Бугарија има 100-тици илјади Македонци без никакви права? Тие се жртви на долга и постојана асимилација и класичен геноцид. Иста е ситуацијата и со Македонците во Грција. Имаат ли ЕУ, Холандија и Јан Коп некакви принципи кога едно бараат од нас, и тоа без никаква основа, а истото го игнорираат кај нивните членки, коишто практикуваат геноцид? Или, двојните стандарди се нивна трајна определба? Можат ли да и објаснат на македонската јавност според кои критериуми, начела, документи…, Македонија мора да го менува Уставот за да стави грст Бугари во него, без реципроцитет од Софија?

Целата колумна на амбасадорот Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

Лекции од холандскиот амбасадор