„Ние сме подготвени да поддржиме секоја политичка линија, која ги претставува Албанците како второ мнозинство во * Македонија. Македонската држава досега е држава на Славомакедонците, но вистината е дека * Македонија е македоно-албанска држава! Албанците треба да бидат опозициски настроени, да бидат спротивставени кон оваа држава. Македонија не е држава на Албанците, таа никогаш не се претставила како таква. ДУИ е партија на режимот во Македонија, во која Албанците не постојат и во која тие не се творци на власта во Македонија. Затоа Ветвендосје ја поддржува секогаш албанската опозиција.“ – ова се клучните ставови, кои ги изнесе Елвис Хоџа како член на Претседателството на владејачката косовска партија Ветвендосје – Самоопределување во интервјуто дадено за ТВ Алсат. Овие ставови на Хоџа, содржани во пошироки наводи од споменатото интервју за ТВ Алсат, ги пренесе информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.
Овие ставови претставуваат најгрубо и најдиректно мешање на меѓународниот протекторат Косово во внатрешните работи на Македонија! Косово си дозволува да ги повикува македонските Албанци да ѝ бидат спротивставени на македонската држава, бидејќи таа не е и нивна држава!
Елвис Хоџа е не само висок и влијателен функционер на таа косовска партија, туку е и еден од нејзините идеолози. Лидер на Ветвендосје е сегашниот премиер на Косово Албин Курти, кој во март годинава беше прогласен од лидерот на Беса Билал Касами како „премиер на сите Албанци“. Елвис Хоџа е едновремено и прв политички советник на Албин Курти. Имајќи ја предвид сета оваа политичка позиционираност на Елвис Хоџа на највисоко рамниште во косовската политика, без никаква дилема може да се констатира дека тој репрезентирал со тоа интервју официјална косовска политика кон Македонија. Затоа неговите изнесени ставови претставуваат најгрубо и најдиректно мешање на меѓународниот протекторат Косово во внатрешните работи на Македонија?!
Ситуацијата е уште повеќе проблематична и поопасна, бидејќи Ветвендосје, партијата на која Хоџа ѝ е идеолог, најсериозно најавува и планира да отвори свој „политички центар“, односно да основа партија Ветвендосје и во Македонија. А Ветвендосје значи токму Самоопределување, па сега прашањето е: дали албанскиот политички чинител од Косово ќе го покрене прашањето на националното самоопределување на македонските Албанци, што ќе подразбере и основање албански државотворен ентитет на територијата на Македонија!
Но, еве ги пошироките наводи од скандалозното интервју на Елвис Хоџа за ТВ Алсат, пренесено од Илирија-ИНА: Коментирајќи ги неодамнешните политички случувања во * Македонија, Елвис Хоџа, член на раководството на владејачката косовска партија Ветвендосје ја опиша моментната албанска партија на власт ДУИ како партија на режимот во државата, во која Албанците не постојат, а Алијансата за Албанците како партија, која стои со ДУИ и очекува да премине во Владата во секој случај. Хоџа уште еднаш го изнесе ставот на Ветвендосје со поддршка на опозициската коалиција Европски сојуз за промени.
„Овде блоковите за доброто на Албанците се отворено поделени. ДУИ е партија на режимот, во Македонија во која Албанците не постојат. Алијансата за Албанците е нерешителна и засега се чини повеќе се обидува да остане покрај ДУИ, но очекува да остане во македонската Влада во секој случај. Имаме од друга страна опозициски блок и ова е за пофалба. Ние, како Ветвендосје сме ја поддржувале секогаш опозицијата наспроти секоја иницијатива, кои учествуваат во македонските влади, за да се замолчи, за да се прикрие албанскиот елемент. Затоа сме ја поддржувале опозицијата секогаш.“ – нагласи Елвис Хоџа.
Според Хоџа, албанската опозиција конечно се појавува во три политички линии, кои ја имаат својата историчност во албанската политика во * Македонија, но тие се координираат, за да го прикажат албанскиот елемент колку е можно помоќен. „Ние сме подготвени да поддржиме секоја политичка линија, која ги претставува Албанците како второ мнозинство во * Македонија. Кога го кажуваме ова, сакаме да кажеме дека македонската држава досега е држава на Славомакедонците. Но, вистината е дека * Македонија е македоно-албанска држава и ако постојат коалиции, кои ќе ги зголемат присутноста, застапеноста на Албанците во оваа точка, и не само во кампања, туку во секое можно владино претставување, ние ќе ги поддржиме.“ – посочи Елис Хоџа во интервјуто.
Коментирајќи ја неодамнешната средба во Приштина меѓу премиерот на Косово Албин Курти и лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, Елвис Хоџа рече дека Курти го поканил Таравари да размисли во врска со опозициската коалиција. „Поаѓајќи од линијата на поддршката за опозицијата, лидерот на Ветвендосје Албин Курти го покани Арбен Таравари да размисли во врска со опозициската коалиција и за опозициската автентичност на албанското постоење, на албанското политичко постоење. Не може да постои целината на Албанците во една таква македонска држава, ако не се зема предвид и опозицијата.“ – напомна членот на Претседателството на Ветвендосје Хоџа.
„Присуството на Албанците во власта во оваа ситуација кога уставните промени не го опфаќаат и Албанецот, кога и промената на името, па ниту * Македонија не го вклучува Албанецот, не може да се користи, за да се сокрие фактот дека Албанците не се творци на власта во Македонија. Арбен Таравари е секако повикан да се обедини со коалицијата на опозициските Албанци. Всушност, Албанците треба да бидат опозициски настроени, да бидат спротивставени кон оваа држава. Македонија не е држава на Албанците, никогаш не се претставила како таква.“ – рече Хоџа.
Според него, факт е дека во застапувањето на Албанците во македонските влади Албанците не се промениле. Македонските влади од страна на Македонците се промениле, но Албанците се оние најугнетените и тие не го промениле своето претставување.





