Британскиот историчар Марко Атила Хоаре уште еднаш го навлече гневот на Грците со објавата на Твитер во која бара условување на враќањето на мермерните скулптури од Партенон од британскиот музеј во Грција со – Македонија!



„На Грција треба да ѝ ги вратиме мермерите од Партенон само под два услова: 1) да ја признае независноста на Косово; 2) да ѝ дозволи на Македонија да се нарекува себеси ‘Република Македонија’ и да го сподели наследството на Александар Велики и на античка Македонија“, е коментарот на Хоаре на насловот „Грција во ‘прелиминарни’ разговори со Британскиот музеј за мермерите од Партенон“ на написот во весникот „Гардијан“, кој предизвика лавина реакции од грчки твитерџии.

Влегувајќи во аргументација со Грците, вонредниот професор на Сараевската школа за наука и технологија, кој дипломирал и магистрирал на универзитетот Кембриџ, а докторирал на Јејл, (им) порача дека „модерна Македонија има право да го слави наследството на античка Македонија колку што има Грција“.

Во продолжение дел од одговорите на синот на британскиот преведувач Квинтин Хоаре и на хрватската новинарка и историчарка Бранка Магаш на прашањата од грчките твитерџии:

„Зошто грчката нација да се согласи на нелогична уцена и изнуда?“ – „Уцена и изнуда – сакаш да кажеш како што Грција ја уценуваше Република Македонија и ѝ го изнуди договорот за промена на името?“.

„Се прашувам на кој јазик ќе го ‘споделите наследството на Александар Македонски и античка Македонија’. На бугарски?“ – „Што велите за современиот македонски јазик што грчката влада сега го признава?“.

„Значи, вие би додале изнуда на вандализмот и на грабежот. Одвратно“ – „Вандализам и грабеж – сакаш да кажеш како грчката империјалистичка анексија на голем дел од Македонија за време на Балканските војни?“.

„Територијата е и треба да може да се нарече себеси Македонија (преферирам Нова Македонија), но Бугарите со испрани мозоци што мислат дека има директна и непрекината линија од античка Македонија до словенските Македонци е смешно. Извинете, не се обидувам да бидам навредлив, само искрен“ – „’Линија’ е веројатно погрешна метафора бидејќи во прашање се повеќе линии. Погрешна е идејата дека староседелците Македонци некако исчезнале и оти македонското население потекнува целосно од словенските доселеници кои дошле во Средниот век“.

„Внатре во државата тоа е табу тема, а во времето кога ВМРО беше на власт беше уште и најлошо да се дискутира за теоријата на ‘антиквизација’, а камоли отворено да се преиспитува и дебатира“ – „Словените пристигнале во Македонија во Средниот век и се измешале со домородното население, давајќи му го нивниот јазик. Сите модерни народи се мешавини на различни постари народи. Националистите сакаат да следат непрекинати линии од модерните народи до античките, но тоа е глупост“.