Дански научници открија на дното на Северното Море остатоци од германска подморница од времето на Втората светска војна со која, како што порано се претпоставувааат љубители на теоријата на заговор, нацистичкиот лидер Адолф Хитлер успеал да избега во Јужна Америка.
Остатоците пронајдени на дното на Северното Море припаѓаат на германската подморница U-3523. Таа беше една од двете подморници од класата XXI со технички карактеристики кои би можеле да стигнат од Европа во Јужна Америка.
Една од нив се наоѓа во музеј, а пронаоѓањето на остатоците на втората потврдува дека верзијата за бегството на Хитлер од Германија кон крајот на Вторатасветска војна со подморница е – мит.
Сепак, некои нацистички злосторници избегаа во Јужна Америка, како Адолф Ајхман, виновен за геноцид врз Евреите, кој беше откриен во Аргентина во 1960 и суден во Израел.
Според некои декласифицирани документи од американските безбедносни служби, сведоци наводно го виделе Хитлер во Јужна Америка.
Советските архиви, пак, сведочат дека војниците на Црвената армија во Берлин откриле дел од посмртните останки на Хитлер по неговото самоубиство на 30 април 1945 година, и потврдени со анализа на неговите заби.





