Хилари Клинтон нема пак да „трча“ за претседател на САД, бара Трамп „да биде тешко поразен“ ако се кандидира

Поранешниот државен секретар и демократски претседателски кандидат Хилари Клинтон изјави дека нема повторно да се кандидира за претседател по нејзините два неуспешни обида во 2008 и во 2016 година.



Прашана во интервју за „Си-Би-Ес ивнинг њуз“ дали некогаш повторно ќе се кандидира за претседател, таа одговори: „Не, не, но ќе направам сè што можам за да се осигурам дека ќе имаме претседател кој ги почитува нашата демократија и владеењето на правото и ги поддржува нашите институции“.

Според неодамнешните анкети, Доналд Трамп, кој ја победи Клинтон на претседателските избори во 2016 година, има добри шанси да ја добие републиканската номинација за 2024 година.

Клинтон додаде дека поранешниот претседател „треба да биде тешко поразен“ ако повторно се кандидира, додавајќи: „Тоа треба да почне во Републиканската партија. А ако, не дај боже, ја добие номинацијата, треба да биде целосно поразен и вратен во Мар-а-Лаго“.

Таа претходно изјави дека ќе го поддржи претседателот Џо Бајден доколку тој се кандидира за реизбор, велејќи дека тој ќе биде „личноста со најголема веројатност да победи“.

За време на интервјуто таа го обвини Трамп дека водел „бунтовнички заговор“ против американската влада во настаните што доведоа до немирите во американскиот Капитол на 6 јануари.

„Знаете, јас бев државен секретар. Поминав, знаете, многу денови во авиони, летајќи од место до место, охрабрувајќи ги луѓето да имаат вистинска демократија. А еден од белезите на вистинската демократија е мирниот трансфер на власта“.

„Дали бев среќна кога го победив Доналд Трамп за речиси 3 милиони гласа, но го изгубив Изборниот колеџ? Не, не бев среќна. Дали некогаш за наносекунда помислив: „Ќе извојувам победа и ќе се обидам да ги натерам демократите да одбијат да ги потврдат изборите?’ Не“.

Сепак, за време на администрацијата на Трамп, Клинтон постојано го нарекуваше „нелегитимен претседател“ и продолжи да тврди дека имало руско мешање во изборите.