Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува новата влада да биде формирана во средината на август.



Запрашан да ја коментира изјавата на американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, кој очекува прозападна српска влада, Вучиќ вели дека не е тука да исполнува ничии желби.

„Не сум јас тој што исполнува желби, народот и граѓаните се тие што избраа, а тие избраа српска влада која ќе се грижи за нивните интереси. Ме радува што (Хил) рече дека нема да се меша во изборот на министри , а некогаш“, изјави Вучиќ.

Претходно, американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил изјави дека би сакал новата Влада на Србија да биде прозападно ориентирана и во неа да види министри кои веруваат во стратешките насоки за кои, убеден е, гласале Србите.

„Би сакал да го видам тоа и разбирам дека составувањето влада е комплицирано. Кога во минатото ме прашуваа за некои позиции, а јас давав предлози, многу пати излегуваше дека сум погрешил. Не им кажувам на владите кого да стават на кои позиции“, рече Хил.

Американскиот амбасадор одговара дека „тешко е да се готви во туѓа кујна… Се трудам да се држам настрана од туѓите кујни“, вели Кристофер Хил во интервју за „Блиц“.

„Јас не се мешам во изборот на влади, јас ги претставувам САД. Ако некој ме праша за мое мислење, јас го кажувам тоа што сега ви го кажав, но не и кој треба да биде член на владата.

Последен пат го проверив мојот пасош, беше сосема јасно напишано дека сум од САД“, рече Хил. (б92)