„Ич да не береш гајле, Џо. Не сме за џабе ‘шоулдер ту шоулдер’ со вас. Мирно да си спие Америка, ние ѝ го чуваме задн…, ова, грбот де. Ќе им помогнеме и на САД ако треба, скраја било, не само на Украина. Да не му дадевме авиони, хеликоптери и тенкови на Зеленски, оној ‘мадафака’ Путин сега низ Киев како паун ќе се шеташе. Додуша од оружје уште само црешово топче ни остана, ама прашај го Ердоган, они си знаат најдобро што чудо е тоа. Мало, мало, ама љуто у пич.. Упс! ‘Демет’!
Пардон, претседателе. Јас малку се зазборев, а ти не знаеш главата кај ти е. ‘Сори’. Од Харвард наваму не сум се изнаприкажал олку убаво со Американец. Имаме и во Скопје една ваша, ама таа не е толку ‘кул’ како тебе, нема-нема па ќе ни го истрие носот со некаквиси корупција, судство, владеење на правото и такви ми ти работи. Но, потпишавме со ‘Бехтел’ и, кај и да е, и тоа ќе се среди, ‘тенкс Гад’.
Туку, ене ја и жена ми ми мавта нешто, морам да одам, инаку маф ми е работата. ‘Тенк ју вери мач, мистер президент’ за муабетов и што се сликав со вас. Ќе пукнат од љубомора за ова во ‘Норт оф Маседониа’. ‘Бај бај енд си ју лејтер’. Рамо до рамо сме, не заборавај“.
Што, бе, не му го кажал ова Ковачевски на Бајден додека му висеше над глава на самитот на НАТО во Вилнус? Како, како? „Средбата со претседателот на САД, Џо Бајден, на самитот на НАТО, беше можност накратко да поразговараме за важноста на европските и евроатланските интеграции на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан како еден од предусловите за обезбедување на мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот“, му рекол?
Како да не или, што би рекол еден славен полиглот што исто така глумеше премиер, „хау јес ноу“! Чек-чек. Ете, бе, од кај ни е позната оваа финта со божем спонтана средба со шеф на американската држава. Толку спонтана што во неколку секунди доаѓа до една таква продуктивна размена на мислења за актуелната ситуација во регионот и подалеку, што војни запираат додека не се дознае што тоа македонски премиер имал да му порача на првиот човек на една од најмоќните држави во светот.
Точно. За несудениот Нобеловец станува збор и за неговата летечка, ама ‘вери фрутфул’ средба ем ракување со тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, пред шест години во Обединетите нации во Њујорк. Така му влезе со лизгачки старт Заев на овега што Димитров одвај успеа да го овековечи тој историски миг, за кој ден-денес се раскажува во Муртино и пошироко.
„На средбата со претседателот Трамп изразив поддршка за неговата иницијатива преку декларација да се поддржат реформите предложени од генералниот секретар на ОН. Посакав успешен старт на реформите на организацијата на ОН“, ќе се пофали тогаш Зоќе, оставајќи ги во недоумица аналитичарите како му успеа на минување да му го изнакаже сето тоа на Трамп. За Доналд да не зборуваме, уште е во чудо кој му се бувна и му застана „фејс ту фејс“ искезен како дете што добило лижавче.
Богами, земја со вакви премиери не само што не треба да се грижи за својата иднина, туку прашање е дали воопшто може да има – иднина.






