Иако Македонија и Албанија денеска добија „препорака за почеток на преговори за членство во Европска унија“, косовскиот претседател Хашим Тачи им честита на двата соседа „отворање пристапни преговори“.
„Им честитам на Албанија и на Македонија за историската одлука на Комисијата на ЕУ за отворање пристапни преговори. Безбедноста и просперитетот на косовските граѓани се условени од комплетирањето на евроатлантската интеграција на целиот регион. Честитки!“, напиша тој на својот профил на „Твитер“.

Според процедурата за зачленување во ЕУ, за отворање пристапни преговори одлучува Европски совет, и тоа едногласно, a не Европска комисија, која дава само препорака до Советот за секој кандидат поединечно. Европски совет го сочинуваат шефовите на држави или влади на земјите-членки, претседателот на Советот (во моментов Доналд Туск) и претседателот на Европска комисија (во моментов Жан-Клод Јункер), а на неговите состаноци учествува и високиот претставник на Унијата за надворешни работи и за безбедносна политика (во моментов Федерика Могерини).
За Македонија ова е осма безусловна препорака од Европска комисија за почеток на пристапни преговори од добивањето статус кандидат во 2005 година, но тие досега не почнаа поради ветото од Грција.





