Владата во Скопје не е информирана од владата во Приштина дека Косово од утре воведува заштитни мерки за своите земјоделски производи до кои македонските ќе станат поскапи за една третина.
Косовската страна уште минатата недела најави дека од среда 18 јули за овошјето и зеленчукот што влегува во земјата ќе воведе 30% поголеми царински давачки, но македонските институции ниту знаат ниту имаат план што ќе прават во таков случај.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ако бидат информирани за таквата мерка, ќе решат дали ќе се воведат реципрочни мерки или ќе се преземат други чекори.
„Ние сме членка на ЦЕФТА а тоа подразбира секоја држава што планира да воведе некакви мерки, тоа предвреме да го најави. Министерството до денеска не добило никакво писмо дека воведува такво нешто, а ако воведат, тоа ќе го разгледаме заедно со царината и Министерството за земјоделство и ќе заземеме став“, вели Бектеши.
Косовското Министерство за трговија и индустрија уште во петокот одлучи од 18 јули да воведе привремена мерка со која ќе го штити своето производство на овошје и зеленчук.
Владата на Косово мерката ја правда со жалбите што ги добивал од производителите, објаснувајки дека увозот на 21 земјоделски производ во Косово количински е толку голем што се заканува дека ќе им нанесе сериозна штета на домашните производители.
На листата на производи што ќе подлежат на новите мерки се компир, домат, пиперки , краставица, диња, зелка, спанаќ, кромид, морков, грав, јаболка, круша, слива, јагоди, малини, капини и пченка.
Ако мерката стапи во сила македонските земјоделци и трговци ќе бидат неконкурентни на косовските пазари затоа што на секој производ ќе треба да плаќаат дополнителни 30 проценти давачки.





