Харадинај: Кога ќе станам претседател, ќе се простиме од Вучиќ!

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово и кандидат за негов претседател Рамуш Харадинај уште еднаш му порача на шефот на српската држава Александар Вучиќ дека е подобро да го признае Косово, бидејќи во спротивно Приштина ќе го продолжи својот пат кон обединување со Албанија.



„Кога ќе станам претседател, со божја и со ваша помош, ќе се простиме од Вучиќ. Затоа, дајте ми го Косово, немојте повеќе да одложувате, бидејќи немаме време да чекаме, бидејќи веќе создадовме војска и енергетска независност, го трасираме патот за обединување со Албанија. Немате избор, не одложувајте, бидејќи ние ја работиме својата работа“, порача Харадинај пред граѓаните на Урошевац во пресрет на вонредните избори на 14 февруари.

Истиот ден стигна одговор од Белград на заканите од поранешниот косовски премиер.

„Постојат проекти што се осудени на пропаст и пред формално да почне нивната реализација, а такви е сонот на Рамуш Харадинај да се натера Белград да го признае т.н. Косово, како и старите соништа за ‘Голема Албанија’. Што е следно? Ќе се заканува ли Харадинај со обединување со Албанија ако нивните партнери во ЕУ и во САД не им обезбедат вакцина за Ковид-19?“, праша директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ.