Хаос и прекршен закон од државна институција ,,на душа носи” стотици професори

Што се случува со Државниот испитен центар (ДИЦ) прашува професорот Васко Гичевски во врска со Кршење на законот по што жртви се стотина македонски професори.



,,Сите ние кои имаме звање наставник приправник, сме соочени со флагрантно кршење на законите од страна на Државниот испитен центар. Согласно член 2 став 20 од Закон за наставници и стручни соработници ” Стручниот испит се спроведува во два рока- есенски и пролетен рок”. Според истиот член од законот за наставници и стручни соработници став 21 ” Есенскиот испитен рок трае од 1 октомври до 30 ноември а пролетниот од 1 март до 30 април”. Јасно изнесените законски прописи беа прекршени од страна на ДИЦ. Есенската сесија воопшто не се одржа, а пролетната иако според закон е веќе почната, во практика сеуште не е објавен ниту конкурс за доставување на пријави за полагање стручен испит.

Воедно, истата таа институција беше и извориште на скандал, кога на стотина директори на училишта по вина на ДИЦ им беше поништен испитот за издавање лиценца за директор. Тој хаос резултираше со смена на директорката Елизабета Наумовска, за која никој не праша каква улога имаше во цел тој процес и зошто толку тивко беше отфрлена. Воедно легитимно прашање е и дали ние приправниците на кои ни беше ускратено правото на полагање стручен испит, сме жртви на политички криминал и партиски интереси, вообличени во смена на директори кои згрешиле, но за кои не треба да се крева прашина? Прашање кое верувам дека искусните новинари би сакале да го разрешат.
Сега што да правиме ние, жртви на кршење на законот од страна на државата? Сите ние кои се пријавивме за есенската сесија, добивме едно штуро соопштение, кое сублимирано говори ” Дополнително ќе ве информираме”. Од тоа соопштение до денес поминаа два месеци а сепак никој за ништо не не информира”, пишува Гичевски според кого .
ЗАКОНОТ Е ЈАСНО И ДЕЦИДНО ПРЕКРШЕН!

Гичевски упатува јавен повик до медиумите да се посветат на овој случај. Од државните институции за жал нема што да очекуваме и да побаруваме, вели професорот.