Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи во вторникот се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и рече дека американскиот долар треба постепено да се исфрли од светската трговија.
Ова е петта посета на Путин на Техеран и втора посета на странство од почетокот на војната во Украина во февруари. Путин првпат ја посети иранската престолнина во 2007 година, а потоа и во 2015, 2017 и 2018 година.
Пред средбата делегацијата на Путин, која пристигна доцна во понеделникот, потпиша меморандум за разбирање со Иран во вредност од 40 милијарди долари за развој на нафтени и гасни полиња.
Иран ги има вторите по големина резерви на природен гас во светот по Русија, но заостана во проширувањето на својата инфраструктура поради санкциите кои ги спречија странските инвестиции.
Посетата на Путин на Иран, доаѓа неколку дена откако американскиот претседател Џо Бајден ја заврши својата турнеја низ регионот, која вклучуваше посети на Израел, окупираниот Западен Брег и Саудиска Арабија, каде што се состана и со арапските лидери од регионот.







