Правни експерти велат дека партија која во својата основна програмска определба најавува федерализација на Македонија, не може да биде регистрирана бидејќи тоа е противуставно , објавува порталот Плусинфо.
Ова се однесува на најавата за формиање политичката партија „Република Илирида“со цел федерализација на Македонија во која Албанците ќе бидат конститутивен народ.
„Да се реафирмира желбата на Албанците, која беше изразена на референдумот во 1992 година’ –ова беше целта на расправата на тема ‘Република Илирида – фундаментално решение за функционирањето на рамноправноста во Македонија, која се одржа викендов во Тетово“, објави ТВ „Клан“.
На трибината учествувале Невзат Халили и Милаим Фејзиу, иницијатори на референдумот на Албанците од 1992 година.
Халили во разговор за Плусинфо вели дека идејата е Албанците да бидат рамноправни со Македонците, а дека тоа може да се постигне само преку федерализација на државата каде Албанците ќе бидат конститутивен народ.
„Намерата е Движењето Илирида да прерасне во политичка партија. На трибината бев поканет како гостин-учесник.
Беџети (претседателот на Движењето „Република Илирида“, Неџат Беџети н.з.) нѐ информира дека веќе разговарал во суд и дека оттаму го информирале дека програмата и статутот не се во спротивност со Уставот. Во дебатата учествуваа седум доктори на науки и немаше лош збор, ниту омраза и нетрпение кон Македонците.
Не станува збор да се менуваат границите, туку за формирање на Република Илирида во рамките на територијата на државата Македонија. Покрај постоечкото да се формира и Собрание на Албанците кое ќе ги претставува сите. Идејата е за федерализација или конфедерација на државата, бидејќи Албанците не се малцинство туку се автохтон народ во Македонија“, изјави Халили за Плусинфо.







