Справувањето со последиците од енергетската и вкупната криза во Македонија (и за Македонија) ќе можеше да биде многу побезболна, многу полесна, доколку досега, пред да настапат овие кризни ситуации ( како со пандемијата, така и со војната во Украина) лидерите на земјата, не само сега, туку подолго време, не беа толку индиферентни во насочувањето на проекцијата на економската политика кон тоа државата да биде помалку зависна од увоз на енергенти од странство.
Мислам дека ретко постои земја во која толку биле игнорирани можностите за преземање мерки за самоодржливост во енергетското снабдување, вели поранешниот министер за финасии Џевдет Хајредини во авторки напис за порталот „Фазан“.
Тој објаснува дека во суштина, Македонија не троши многу енергија. Сите индустриски капацитети во Македонија кои беа големи потрошувачи на електрична енергија, престанаа со производство како што беа Железара, Југохром, Топилницата во Велес, Фени, (кое се уште нешто работи, но не во полн капацитет…)
Меѓу другото и од тие причини, „политичките лидери во изминатите триесетина години од независноста на Македонија, заклучиле дека не претставува проблем снабдувањето на населението со електрична енергија со постојните капацитети, па воопшто и не се вложувало во изградба на нови. Апсолутно ништо не се градело!, вели Хајредини
„За волја на вистината, не е дека политичките елити не знаеле дека треба да се планира енергетското снабдување на Македонија. На пример, во програмата „Преродба во 100 чекори“ на ВМРО-ДПМНЕ, од 2006 година, која подоцна беше надградена и проширена, била предвидена изградба на хидроцентралите Стрежево, Галиште, Чебрен, како и гасификација на ТЕЦ Неготино, која работеше на мазут. Постоеше и еден голем повеќенаменски проект – Вардарска долина, каде што беа предвидени повеќе мали хидроцентрали ( ГАС, Бошков мост, Корабски води)… Но, не само што ниту еден од овие предвидени проекти не е пуштен, туку ниту за еден од нив не е поставен ни камен-темелник. Сега стана актуелна и популарна, повеќе за популизам – зелената агенда.
Добивање струја од вода, сонце и ветер… Во меѓувреме пуштена е термоцентралата Осломеј, која работи на увезен јаглен (лигнит) од Косово. Каква е таа зелена агенда на јаглен?
(…)
Но, вели екс министерот, во практика, енергетската стратегија на Македонија се сведуваше – речиси ништо да не се гради во капацитети, а за тоа малку што ни е потребно – да се купува. Навистина, на пазарот имаше струја, и тоа со релативно ниска цена. Меѓутоа, не треба да се биде многу паметен, па да се сфати дека треба да се користат ( и да се одржуваат) сопствените извори, за да се биде енергетски понезависен. Но, откако се пуштени во седумдеседттите години, трите хидроцентрали: Шпиље, Тиквеш, Глобочица ( само Осломеј со 80 мегавати моќност е стар 40 години), во независна Македонија изграден е само Козјак.
Кога дојдоа последиците од пандемијата, особено сега и со дискутибилноста на увозот на рускиот гас (поради руско-украинскиот воен конфликт) како енергент кој во Македонија најмногу се користи во грејната сезона, се покажа дека не се подготвени погоните во Битола да произведат струја.
И мораше да се „краде“ струја ( така е изразот за ненајавено преземање) од Европскиот енергетски систем. Како функционира тој систем? Дозволено е од таму да се влече струја во случај на хаварии, со одредена цена. Бидејќи немавме можност да произведеме доволно струја, а мора да се одговори на потрошувачката во зимски услови, нашите економско-енергетски власти преземаа струја од тој Европски енергетски систем. При ненајавено преземање, нема начин технички да се биде исклучен од системот, но ќе се наплати три пати поскапо…
Хајредини сепак е оптимист: „Со постојните капацитети што ги имаме, ако правилно се одржуваат и управуваат, Македонија може да постигне енергетска независност, со тој степен на индустрија што го имаме и население кое се намалува“.








