Аналитичарот Џевдет Хајредини, спори со изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери според кој „премиерот мора да биде Албанец 100 дена пред избори. Ова е политички договор помеѓу СДСМ и ДУИ, за ова знаат и во СДСМ и немаат ништо против. Нема компромис за ова“, рече Џафери.
„Ова е лага“ вели Хајредини според кој вистината е следна:
„ДУИ, за да дојде до потребниот минимум гласови за коалиција со СДСМ, пред изборите успеа еден мал број гласачи Албанци, да му веруваат во лагата дека стварно се гласа за прв премиер Албанец, не само за 100 дена, туку за цел мандат, со кандидат Насер Зибери.
Откако ја постигна целта, Али Амети го повлече барањето за премиер Албанец, зашто Заев јавно му се заблагодари што се покажал ‘доблесен’“, потсетува Хајредини во објава на Фејсбук.
Во март годинава, првиот вицепремиер Артан Груби, рече дека Македонија ќе има премиер Албанец, а за тоа има согласност и од актуелниот претседател на Владата и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Во коалицискиот договор од 2020 година меѓу СДСМ и ДУИ, потпишан од Зоран Заев и Али Ахмети, се наведува дека во последните 100 дена од Владата премиер да биде личност од албанска националност.






