Хајредини до Бесими: Владата со народни пари ќе го поддржува ЕСМ за „да ги спаси граѓаните од поскапување на струјата“

Владата ќе продолжи да го поддржува АД ЕСМ со цел да не поскапи струјата за граѓаните, порача синоќа министерот за финансии Фатмир Бесими, коментира поранешниот министер за финансии и аналитичар, Џевдет Хајредини.



И таа поддршка на АД ЕСМ ќе ја плаќаат граѓаните, а не Владата, објави Хајредини на Фејсбук, во врска со последните калкулации околу зголемувањето на цената на струјата и враќањето на евтината дневна тарифа.

Министерот Бесими, синоќа во емисијата Вин-вин на ТВ Телма соопшти дека во Буџетот годинава се предвидени 225 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството за справување со кризата од кои дел се наменети за ЕСМ.