На 04.09.1992 беше избрана првата политичка влада на Република Македонија, во која партиципираа СДСМ, Либералната партија, Партијата за демократски просперитет и Социјалистичката партија, потсети вчера во објава на Фејсбук, Џевдет Хајредини, кој беше избран за министер за финасии.
Владата, која броеше 22 члена, ја предводеше премиерот Бранко Црвенковски. Во неа беа 11 универзитетски професори (Јован Тофовски, Ефтим Анчев, Јане Миљовски, Владо Поповски, Софија Тодорова, Љубе Трпевски, Димитар Бајалџиев, Аслан Селмани, Денко Малески, Љубомир Фрчкоски и Гордана Сиљановска Давкова), три искусни стопанственици (Јован Андонов, Џевдет Хајредини и Петруш Стефанов) и еден млад стопанственик (Антони Пешев), како и седум општествено-политички афирмирани личности (Бранко Црвенковски, Беќир Жута, Стево Црвенковски, Иљаз Сабриу, Ѓунер Исмаил, Туше Гошев и Сервет Авзиу).
Владата беше насочена кон решавање на тешки економски, енергетски, финансиски и политички прашања:
– борба за прием на земјата во Обединетите нации и други светски организации;- борба за името на државата;
– блокади од Грција на границата и на танкер со нафта во солунското пристаниште;- соочување со политичките и економските последици од распаѓањето на Југославија и на Советскиот Сојуз;
– недостиг на некои основни прехранбени производи, течни горива и електрична енергија;- силни меѓуетнички тензии:
– и многу други сериозни проблеми со кои се соочуваше младата самостојна држава.
Денес, по триесет години, од тој состав, во политика се активни само Гордана Сиљановска Давкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и Љубомир Данаилов Фрчковски, амбасадор на Македонија во Обединетите нации.
Општествено активни со свои колумни или настапи на медиуми се Денко Малески и Џевдет Хајредини, а во делот на стопанството значајна улога во стопанските асоцијации има Антони Пешев.
Од тој состав на владата починати се осум члена (Беќир Жута, Стево Црвенковски, Јован Андонов, Ефтим Анчев, Јован Тофовски, Аслан Селмани, Димитар Бајалџиев и Јане Миљовски).
Тогашниот премиер, подоцна и претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, кој идниот месец ќе наполни 60 години, веќе десетина години е во пензија како поранешен претседател на Републиката.
На сегашната и на идните влади на Македонија им посакувам помалку проблеми и успеси во напорната работа.
Фото од составот на владата и традиционалната фотографија на скалите во холот на Собранието на Македонија.






