Најмалку 304 луѓе загинаа, а 1.800 се повредени во земјотресот со интензитет од 7,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди вчера југозападниот дел од Хаити, соопштија властите. Земјотресот уништил куќи, училишта, хотели и цркви.
Епицентарот на земјотресот бил на 8 километри од градот Петит Тру де Нипес, што е 150 километри од главниот град на карипската островска држава, Порт-о-Пренс, објави американскиот геолошки институт.
Земјотресот се случи на длабочина од 10 километри во саботата околу 8.30 часот по локално време, и беше почувствуван во Куба и Јамајка, проследен со серија последователни земјотреси.
Цивилната заштита на Хаити објави дека бројот на жртвите од земјотресот се искачи на 304 загинати и најмалку 1.800 повредени.
Силен земјотрес од 7 степени по Рихтер го погоди Хаити во јануари 2010 година. Проценките за бројот на смртни случаи се движеа меѓу 100,000 до околу 160,000.






