Жалбениот совет на Меѓународниот механизам за кривични трибунали му изрече 10 години затворска казна на лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ.
Тој нема да оди во затвор бидејќи „одлежа“ 11,5 години во притворското одделение Хашкиот трибунал за време на судењето.
Жалбениот совет пресуди дека Шешељ е виновен за злосторства против човештвото според точките 1, 10 и 11 од обвинението, кое вклучувало прогон, протерување и присилен пренос на Хрвати од Војводина во селото Хртковци во 1992 година, јавуваат српски медиуми.
Со ова беше променета првостепената одлука со која во 2016 година Шешељ беше ослободен од сите обвиненија на Хашкото обвинителство.
Шешељ не присуствуваше на изрекувањето на второстепената пресуда, и тој порано изјави дека ќе го преспие изрекувањето на пресудата: „Во тоа време спијам па така ќе биде и додека ја читаат одлуката“.





